Карла дел Понте побара меѓународен налог за апсење на Путин

-

Поранешната главна обвинителка на Меѓународниот кривичен суд, Карла дел Понте, повика да се издаде налог за апсење на претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, пренесе „Асошиејтед прес“.

„Путин е воен злосторник“, рече Дел Понте во интервју за швајцарскиот весник „Ле Темпс“.

Во интервјуто по повод објавата на нејзината најнова книга, швајцарската адвокатка која ги водеше истрагите за воени злосторства во Руанда, Сирија и поранешна Југославија, вели дека постојат јасни докази дека во Украина се вршат воени злосторства.

Таа вели дека е особено шокирана од користењето на масовни гробници во руската војна во Украина, што потсетува на најлошото од војните во поранешна Југославија.

„Се надевав дека никогаш повеќе нема да видам масовни гробници“, вели таа за весникот „Блик“ додавајќи дека „овие починати луѓе имале блиски и сакани кои воопшто не знаат што се случило со нив. Тоа е неприфатливо“.

Други воени злосторства кои таа ги идентификува во Украина вклучуваат напади на цивили, уништување на цивилни објекти и разорување на цели градови.

Таа вели дека истрагата во Украина за овие злосторства би била полесна од таа во Југославија бидејќи самата држава побара меѓународна истрага. Сегашниот главен обвинител на Трибуналот, Карим Кан, ја посети Украина минатиот месец.

Ако Судот најде докази за воени злосторства, според Дел Понте, „мора да се оди според командната хиерархија додека да се стигне до оние што ги носеле одлуките“.

Според нејзе, можно е дури и Путин да биде изведен пред Судот.

„Мора да се истера истрагата. Кога започна истрагата против Слободан Милошевиќ, тој сè уште беше претседател на Србија. Кој мислеше тогаш дека еден ден нему ќе му се суди? Никој“, вели Дел Понте.

Таа додаде дека истрага за евентуални воени злосторства треба да се започне за двете страни, посочувајќи дека постојат извештаи за наводно мачење од страна на украинските сили на одредени руски воени затвореници.

Атила Бижен Жалили е нов сопственик на 85 отсто од акциите на ФК Вардар

Фудбалскиот клуб Вардар на својата страница на Фејсбук денеска објави дека нов сопственик на клубот со 85 отсто од акциите на клубот, е Атила Бижен Жалили. Тие го пренесуваат...