Кард, Ангрист и Имбенс се добитници на овогодишната Нобелова награда за економија

Фото: Принскрин- nobelprize.org

Нобеловата наградата за економија оваа година им беше доделена на Дејвид Кард „за неговите емпириски придонеси во економијата на трудот“ и на Џошуа Д. Ангрист и Гвидо В. Имбенс „за нивните методолошки придонеси за анализа на причинско-последичните односи“ објави Нобеловиот комитет.

Канаѓанецот Кард, кој е роден 1956, предава економија на универзитетот во Калифорнија, Беркли. Ангрист кој е роден во САД 1960, предава на Технолошкиот институт во Масачусетс, Кембриџ, а Имбенс, кој е роден 1963 во Холандија предава на Факултетот за бизнис, Стенфорд.

Лауреатите ќе добијат медал, лична диплома и парична награда.

За разлика од другите Нобелови награди, наградата за економија не беше воспоставена по волја на Алфред Нобел, туку од Шведската централна банка во негово сеќавање во 1968 година, при што првиот добитник беше избран една година подоцна. Наградата за економија е последна од Нобеловите награди објавени секоја година.