Каратистот Емил Павлов ќе се бори за злато на Светското првенство во Дубаи

Фото: Карате федерација на Македонија

Македонскиот каратист Емил Павлов испиша историја на Светското првенство во Дубаи откако се пласираше во финалето во категоријата до 67 килограми, соопшти Карате федерацијата на Македонија.

Павлов во полуфиналето славеше над Унгарецот Мартијал Ивес Тадиси поради прв освоен поен откако борбата заврши 3-3, а за противник во финалето ќе го има Стивен да Коста од Франција. Финалниот меч ќе се одржи утре попладне.

Претходно, Павлов беше подобар и од Словакот Матеј Хомола, Садтидин Сајматов од Узбекистан, Јорданецот Абдала Хамад и Али Елсави од Египет.

За штипјанецот Емил Павлов ова е прв настап во категоријата до 67 килограми, а претходно беше трикратен европски шампион во категоријата до 60 килограми.

Од Карате федерацијата додаваат дека ова е најголем успех во историјата на македонското карате и ќе биде втор медал, откако претходно со медал од светските настапи се закити само Жарко Арсовски.