Преспанскиот договор, односно самото негово потпишување, не значи автоматски добивање билет за влез во Европската Унија, порача поранешниот грчки премиер Костас Караманлис, во вчерашното обраќање како еден од главните говорници на одбележувањето на 80-годишнината од Здружението за македонски студии во Солун.

Во врска со Преспанскиот договор, тој рече дека Грција не успеала да го искористи преседанот што тој го креирал, кога, како што рече, во 2008 година, стави вето за влез на Македонија во НАТО. Дополнително, вели тој, развојот на настаните укажа на многу „крупни слабости на овој договор“.

– Можевме да бараме и да постигнеме многу повеќе. Неодамнешните случувања потврдија дека другата страна има голема желба да се приклучи на НАТО и ЕУ и имаат да докажуваат уште многу работи. Сè на сè, се гледа дека нивните проблеми се многу поголеми отколку проблемите со Грција. Не смее да се претпоставува дека со потпишување на Преспанскиот договор, автоматски се добива билет за Европската Унија – порача тој вчера во Солун.

Караманлис, кој ја водеше Нова демократија 12 години, а беше на чело на конзервативната влада на Грција од 2004 до 2009 година, во последните 10 години многу малку се појавуваше во јавност поради критиките дека неговата влада остави огромен дефицит на државата и така во голема мерка ја креираше финансиската криза во Грција, пишува „Катимерини“.

Караманлис на настанот го пофалил грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, што некои го сметаат како поддршка за нов мандат на шефот на грчката држава. Парламентот во февруари следната година треба да го избере следниот претседател на државата.