Во обемно интервју со Красимир Каракачанов, бугарски вицепремиер и министер за одбрана, како и претседател на бугарската националистичка партија ВМРО-БНД, емитувано на 8 јануари на бугарската радиомрежа „Фокус“, новинарот изобилно ја користеше реториката на познатиот негатор на македонската нација дотолку што интервјуто изгледа како двајцата да се обединиле против Македонија. Односно, како Каракачанов да ги пишувал прашањата што новинарот потоа требало само да ги прочита.

Радиомрежата „Фокус“ е дел од новинската групација „Фокус“ на Красимир Узунов, бугарскиот новинар и бизнисмен познат исто така како еден од најгласните пропагатори на тезата за апсолутно бугарско потекло на Македонците. Затоа и не зачудува премногу што тука се емитува големо интервју со еден од најголемите напаѓачи на македонскиот народ. Она што сепак зачудува е што новинарот што го води интервјуто ја користи истата, инаку досега добро позната, реторика на гостинот, настапувајќи со фрази и конструкции што потоа Каракачанов ги повторува и проширува.

Прашањата се полни со коментари и остри зборови од типот на тоа дека официјално Скопје и македонскиот премиер Зоран Заев „ја потклоцнуваат“ Бугарија, како и дека македонските претставници во Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, формирана согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија „сакаат да го присвојат наследството на Бугарија во антиката, средновековјето и Преродбата“, па преку тоа дека „премиерот и министерот за надворешни работи на Бугарија требало да седнат на средба со своите колеги во Македонија и да се „отстрани тоа глупаво однесување еднаш засекогаш“.

Овде новинарот ја пречекорува границата на професионално водење интервју и пречекорува од областа на новинарска работа во непрофионален пропагандизам.