Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби | Фото: Арбнора Мемети

Апелирам граѓаните да излегуваат од дома само по потреба. Целта е да се избегне групирање. Во овој период полициски час не е решение, доволно е мерките кои се веќе познати да се почитуваат, рече министерот Венко Филипче на прес-конференцијата која пред малку се одржа пред Министерството за здравство. На новинарски прашања одговараше и претседателот на Комисијата за заштита од заразни болести, д-р Жарко Караџовски. Она што е клучно е усвојувањето на законските измени во кои се вметнати новите мерки, а кои утре треба да ги усвојат пратениците во Собранието.

– Во модуларнара болница до Инфективната клиника веќе се сместуваат пациенти и тој капацитет се пополнува. Имајќи ја предвид ситуацијата направивме план за обезбедување на дополнителни капацитети. Исполнети се капацитетите во Куманово, оттаму пациентите доаѓаат во Скопје. Во Охрид се менаџира со интерното одделение, има слободни кревети. Поголем број исписи имаше во Гпстивар, таму е полупразно. Во среда ќе имаме состанок со сите приватни интернисти, вкупно 56, од кои пола се во Скопје и кои може да се вклучат во системот на дежурства – информира Филипче.

Освен тоа, Министерството за финансии обезбедило пари за набавка на лекот ремдесивир. Преку Европската комисија, набавени се количини од лекот за повеќе од 30 земји во Европа. Филипче кажа и дека ќе стасаат 60 респиратори и лична заштитна опрема во петок, кои ќе бидат распределени по болниците согласно потребите на  пациентите што се лекуваат.

– Утре во собраниска процедура е Законот за заштита на населението од заразни болести, па верувам дека сите пратеници се свесни за ситуацијата во која се наоѓаме и дека брзо ќе го изгласаат. Таму има мерки кои ни се потребни. Апелирам сите да се придржуваат до мерките, така ќе придонесат епидемијата да стивне – додаде министерот.

Тој информира дека е завршена анализата на смртните случаи. Пациентите имале и коморбидитети од кои биле лечени долго време, а една од причините за смрт е и фактот дека голем број од нив доцна доаѓаат во болница, со веќе тешко развиена манифестација на болеста. Над 85 отсто од починатите се пациенти со други претходни болести.

Во меѓувреме, се оди на што поголем број тестирања. Д-р Караџовски информира дека се отвораат нови пунктови за тестирање.

– Најголем број од пациентите се со лесна клиничка слика. Чувствуваат слабост, малаксаност, затнат нос, температура. Со терапија, остануваат дома и ја примаат. Од 2 до 4 отсто завршуваат на клиника, а од смртните случаи, најчесто се работи за пациенти со коморбидитет. Здравствениот систем има можност да ги растегне клиничките капацитети и да станат многу одделенија ковид одделенија. Но, најважно е да се почитува апелот за почитување на мерките, зашто немаме резервни здравствени работници. Немаме други со кои ќе направиме замена. Немаме ниту доволно епидемиолози и инфектолози. До последните капки пот од нас ќе работиме. Нема да го оставиме на цедило населението. Додека јас сум овде на прес-конференцијава, некој работи. И да не се прават најголеми доктори тие што никогаш не излегле од канцеларија – рече Караџовски.

Здравствените власти не сакаат да прибегнат кон најтешките мерки, кои подразбираат воведување полициски час.