Општина Дебрца, во соработка со македонската развојна фондација за претпријатија, која го спроведува проектот за алтернативен туризам, постави патоказни знаци и табли со информации што го означуваат движењето до водопадите по планината Караорман и по кањонот на реката Песочица.

Со оваа се уредуваат шумските патишта во планината Караорман и се овозможува на љубителите на природата и на авантуризмот да ја увидат природната реткост сместена во пазувите на оваа планина.

Планината е богата со извори, шумски плодови, особено малини и јагоди. Има и заградено ловиште со диви свињи и со копитари, како и дивеч на слободен простор, што е особено привлечно за ловците од земјата и од странство. Планинската дива пастрмка од реката, пак, е предизвик за спортските риболовци.

Караорман е средно висока планина, а највисок е Орли Врв (1.794 метри). Доста е пошумена по што го добила и името. Караорман е формирана со набирање во текот на терциерот и заедно со планината Стогово претставува една целина.

– Поставувањето информативни знаци е почетокот во уредувањето на овој планински простор. Понатаму се планира изградба на пристапни патеки до водопадите. Од дрво и од камен ќе се изградат дрвени мостови, ќе се постават дрвени маси и столчиња за одмор и ќе се означат места за подготвување храна во природа. До водопадите веќе има прооден шумски пат, кој го олеснува движењето на посетителите – вели градоначалникот на општина Дебарца, Игор Трајкоски.

Длабоко во пазувите на планината Караорман во општина Дебарца, на триесетина километри од Охрид и од Струга, се крие негибната убавина. На оддалеченост од само 10 метри од водопадите, се наоѓа и редок планински феномен, карпа висока 20 метри, која стои исправено како со нож пресечена и има проодност од сите четири страни. Може да се користи за искачување.

Жителите на најблиското село Песочани велат дека тоа се нивните Нијагарини водопади. Не се ниту приближно силни и големи како тие на границата помеѓу Канада и САД, но се мистични и привлечни на свој посебен начин.