Кандидатите за нов ректор на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, Горан Ајдински, Ратко Дуев, Атанас Кочов, Христина Спасевска и Димитар Ташковски вчера попладнето дебатираа и ги претставија најважните точки од нивните програми. На трибината не присуствуваше единствено кандидатката Биљана Ангелова, актуелен проректор за финансии на УКИМ од Економскиот институт.
Трибината беше организирана од страна на Независниот академски синдикат. Петмината кандидати за ректор најмногу се осврнаа на проблемите дека на универзитетот му се потребни млади кадри, меѓународни проекти и повисоки плати.
Горан Ајдински, професор на Филозофскиот факултет, рече дека пред да почне со работа кој било ректор, треба да се сруши една голема девијација на УКИМ, а тоа е култот на личноста на ректорот.
„Клиентелизмот е на највисоко можно ниво во моментов на УКИМ. Ректорот и ректоратот треба да бидат сервис на факултетите и единиците, а сега е обратно и тоа претставува голем проблем“, рече Ајдински.
Тој се осврна на три проблеми, од кои првиот е вработување млад академски кадар, млади асистенти, млади истражувачи, кои треба да пишуваат и да творат.
„Во моментов на многу факултети нема воопшто асистенти, тоа е катастрофа“, рече Ајдински.
Понатаму, тој се осврна на платите, и рече дека во иднина се надева оти ќе има покачувања.
„Состојбата е малтене драматична, државата треба да издвојува средства за научни истражувања, а не факултетите, кои секако се во лоша состојба а треба да ги покриваат тие трошоци од сопствени средства“, вели Ајдински.
Неговиот план, доколку стане ректор на УКИМ е да се формира проектно тело кое ќе одговара пред ректорот, а координатор ќе биде еден од професорите на УКИМ. Во ова тело, Ајдински планира да има вработени кои знаат и се обучени да пишуваат и да аплицираат на меѓународни проекти.
Кандидатот за ректор Ратко Дуев, актуелен декан на Филозофскиот факултет ја претстави накратко својата програма, наречена „Крвоток“.
„Од Ректоратот не можат да ги познаваат сите области, но Ректоратот треба да прерасне во крвоток на УКИМ“, рече тој.
Тој во своето обраќање се осврна на човечките ресурси и на платите.
„Станавме апатични, станавме неатрактивни, дојдовме до степен никој да не се пријавува на огласите. Понатаму, во поглед на финансиите, 85 проценти од нашите приходи се од студенти. А бројката на студенти според сите показатели, нема да расте, па оттаму ние се соочуваме со еден проблем. Затоа мора максимално да се користат странските фондови, да се добие современа опрема“, рече Дуев.
Кандидатот за ректор Атанас Кочов од Машинскиот факултет, за време на своето обраќање стана меѓу присутните и рече дека таква би била и неговата работа како ректор – присутен меѓу луѓето, вработените, студентите.
Тој рече дека со неговиот тим изготвил Стратегија за развој на УКИМ во наредните 10 години, нешто што го бара и Европската Унија од нас, како држава.
Според Кочов, на УКИМ му е потребен лидер и за тоа треба да работи тимски, односно со сите вработени. Кажа дека УКИМ никогаш досега не бил на толку ниско ниво, „паднат на коленици“, 27 министри за образование досега од година во година го ничкосувале, и неправедно го ставале во ист кош со 33 акредитирани високи школи.
„Од буџетот на МОН, само 2,2 отсто се доделени на УКИМ. За разлика од него, „Мајка Тереза“ има добиено 17 отсто. Дури и штипскиот има повеќе проценти добиено од нас. Тоа значи дека државата не води грижа, а УКИМ е најстариот, најдобриот, најквалитетниот и треба да биде стожер, тој е научната, културната ризница на Македонија и нема ниту еден кадар на другите универзитети кој не излегол од УКИМ“, рече Кочов.
Христина Спасевска, проректорка за настава од Факултетот за електротехника и информатички технологии (ФЕИТ), рече дека она што прво треба да се направи е целосно спрроведување на Законот за високо образование, па потоа негово менување во клучни сегменти.
„Законот прокламираше автономија на УКИМ и на професорите, а ние застанавме на ниво автономија кон државата, а воопшто не се спуштивме надолу, да обезбедиме автономија на секој наставник и студент. Слушаме како од ректорот на времето се плашеле, тој бил четврт човел на државата, моќен. Не треба ректорот да биде четврт човек на дравата, треба УКИМ да биде четвртата институција во државата, затоа што од УКИМ произлегуваат најквалитетните кадри“, рече Спасевска.
Таа рече дека како прво мора да се воведат транспарентни и отворени механизми во секој поглед, најмногу во финансирањето, за да може секој професор од УКИМ да знае што се случува со буџетот и каде одат парите. Понатаму, Спасевска смета дека треба да се укинат сите дискрециони права на ректорот и проректорите, особено на проректорот за финансии.
Како втор проблем таа посочи дека државата од своето постоење не вовела реален мериторен систем колку чини високото образование, односно една студиска програма, па оттаму смета и дека треба да се постави соодветен систем за финансирање.
„Трет столб од мојата програма, е дека УКИМ старее. Немаме доволно асистенти, а и нашите студенти многу малку се вклучени во научно-истражувачката програма. Затоа, потребни се меѓународни проекти“, рече Спасевска.
Димитар Ташковски, декан на Факултетот за електротехника и информатички технологии (ФЕИТ), рече дека ќе се залага за современи студиски програми согласно европските стандарди.
„УКИМ е на ниски гранки и треба да го фатиме последниот воз за да се приклучиме во европскиот образовен простор“, рече Ташковски.
За да има квалитетно високо образование, рече Ташковски, ќе има дефинирани критериуми/стандарди за акредитирање на секоја студиска програма, како што се врвни професори, практична настава, е-учење.
Меѓу приоритетите во неговата програма е основање Фонд за наука и развој затоа што, како што рече, научно-истражувачката работа е клучна за видливоста на УКИМ и дека 80 отсто од сите иновации во светот доаѓаат од високото образование.
Гласањето за нов ректор на најстариот универзитет во земјата „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) е закажано за 30 мај, од 14 до 16 часот, на сите 23 факултети и 5 институти.
Право на глас имаат околу 1.500 гласачи, избрани во звање доцент, редовен и вонреден професор, како и студентите кои се дел од наставно-научните совети на факултетите. Евентуалното прегласување е закажано за 9 јуни.