Со свеченост на која присуствуваа министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, амбасадорот на САД во земјава, Џес Бејли, како и митрополитот дебарско-кичевски, г. Тимотеј, денеска во Охрид беше претставен на јавноста комплетно конзервираниот и реставриран фрескоживопис во црквата „Св. Богородица Перивлепта“.

Конзервацијата траеше точно три години, додека истражувачките работи на архитектурата и на фрескоживописот се почнати уште во 2010 година.

Во овој период, поставен е натпокрив на објектот, комплетно е конзервирана и истражена архитектурата на црквата, конакот и на манастирската камбанарија, а допоплнително треба да биде конзервирана и реставрирана и камбанаријата на црквата.

За време на конзерваториските и на истражувачките работи на црквата, откриени се значајни археолошки наоди, кои ќе бидат изложени на увид на јавноста.

На самата конзервација и реставрација на фрескоживописот работеа 14 конзерватори од Заводот и музеј во Охрид, од Националниот конзерваторски центар од Скопје, како и експерти од странство, дојдени по препорака на УНЕСКО.

Вкупно на проектот беа ангажирани околу 70 лица.

Целиот проект за заштита на вредната црква „Св. Богородица Перивлепта“, со грант од 650.000 евра, беше поддржан од Амбасадата на САД во Скопје.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, говорејќи за значењето на зафатот, рече дека сега се вратени сјајот и колоритноста на фрескоживописот.

– На увид на јавноста сега го имаме првото автентично дело на зографите Михајло и Евтохија, уметничка творба препознатлива во меѓународнми рамки и која е предмет на меѓународни проучувања – рече Канческа-Милевска.

Владиката Тимотеј потсети дека црквата првпат е фрескоживописана во 1265 година и дека пред околу шест децении првпат се вршени заштитни конзерваторски зафати.

Црквата „Св. Богородица Перивлепта“ се смета за врвно дело на византиската архитектура. Ја изградил војсководецот Прогон Згур во 1295 година.

Амбасадорот Џес Бејли, Канческа-Милевска и владиката Тимотеј, не сакаа да одговараат на новинарски прашања.

Како што официјално беше соопштено, амбасадорот Бејли денеска ќе престојува и во посета на локалното седиште на владејачката ВМРО-ДПМНЕ во Охрид.