fbpx

Канализацијата е главен виновник за поплавите во Тетово

-

Дефектите во фекалната и атмосферската канализација, нивната старост, нередовното одржување и чистење, како и фрлањето отпад во нив од страна на граѓаните се дел од главните причини што кога има дожд во Тетово, водата се излева. Граѓаните, но и експертите предупредуваат дека надлежните треба веднаш да изнајдат решенија. Општината ја избра фирмата за одржување на истите, но допрва се очекува да се потпише договорот и да се започне со интервенција на терен, пишува Порталб.мк.

Само во последните два месеца Тетово беше два пати поплавено од обилни врнежи, при што дождот предизвика големи штети на куќите на граѓаните и не само тоа.

Големи штети од поплавите и водата што навлегла се предизвикани во куќата на Арбенита, која живее во населбата Дреновец. Како што вели таа за Порталб.мк, секогаш кога врне, жителите на оваа населба и околината се вознемирени, бидејќи заканата од поплави е реална. Бараат општинските власти да ја одржуваат канализацијата.

„Бараме надлежните органи да ги одржуваат каналите на атмосферските води и канализацијата, и да ги чистат најмалку еднаш месечно. Канализациската мрежа во оваа населба и во текот на изградбата била со пропусти, почнувајќи од цевките. Се надевам дека општинските власти ќе најдат долгорочно решение за овој проблем“, рече Арбенита Мета.

Според професорот за патен сообраќај Блерим Неими, блокирањето на патиштата од дождовницата и излевањето на канализацијата на површината е производ на неодржувањето на шахтите и одводите што се наоѓаат на улиците, а во некои делови улиците немаат правилен наклон.

„Во однос на канализациите, тие треба да се чистат или проверуваат најмалку два пати годишно за да може дождовницата да тече. Особено во Тетово има исти циркулациони пунктови и овие канали секогаш се блокирани или од смет или не се исполнети условите за проток на вода, има потреба од поголема ширина на цевките. На некои места причина се објектите, оградите кои ја насочуваат водата и доаѓа до нејзино акумулирање“, рече Неими.

 

Потребни се социјални и технички решенија

Порталб.мк разговараше и со градежен инженер за алтернативите и можните решенија за овој проблем.

Според него, главен проблем е застарената фекална и атмосферска канализациона мрежа и несоодветното одржување.

Фото: Порталб.мк

Тој вели дека овој проблем бара решенија од поголеми размери, и социјални – свесност на населението и технички, а што се однесува до техничките решенија сé е изводливо, додека за првото и не е така лесно.

„Најнапред е подигање на свеста на населението, да не се узурпираат каналите за наводнување, тротоарите, зелените површини кои ја впиваат водата. Чистење и одржување на постојните атмосферски канал. Да се санираат оштетените. Мора да се одржуваат отворените канали. Другиот аспект, граѓаните да не ги поврзуваат атмосферските води со фекалните, луѓето ги поврзуваат атмосферските води од покривите или дворовите со фекалната канализација и доаѓа до мешање на водите. Фекалната канализација нема капацитет за апсорбирање и прифаќање на атмосферските води. Институциите мора да си ја завршат работата, да ја чистат и одржуваат постојната фекална и атмосферска канализација. Поголемиот дел од атмосферските канали, кога ги отвораме кога треба да работиме нешто, гледаме дека се нечисти, со ѓубре, земја и сé и сешто“, истакна меѓу другото градежниот инженер.

Во однос на превентивните мерки што се преземаат за одржување на канализациската мрежа за атмосферските и фекални води, од Општина Тетово велат дека интервенирале во акцискиот план, со што се комплетира јавната набавка за одржување и чистење на канализациите и шахтите.

„Постапката за јавна набавка е завршена и сега се очекува само потпишување на договорот со компанијата што ја добила работата и веднаш да се започне со интервенциите на терен“, велат од Општина Тетово.

Во однос на одржувањето и чистењето на канализациите и шахтите, од Општина Тетово велат дека чистењето и деблокирањето на атмосферската канализација е спроведено неколку пати пред поплавите, а ноќта кога се случија поплавите и во наредните денови, интервенирано е на неколку клучни точки во градот, на влезот во селото Расадиште деблокирана е атмосферската канализација. Велат и дека планирале да почнат со чистење на бунари низ градот.

Несоодветни инвестиции во атмосферската и фекалната канализација, според градоначалникот на општина Тетово Билал Касами, биле една од главните причини за штетите кои им беа нанесени на граѓаните при неодамнешните поплави во Тетово.

Вети дека во иднина континуирано ќе работат канализациите да се чистат и да не се предизвикуваат штети на граѓаните, а Касами на 3 јуни конкретно рече дека ќе ангажираат приватни компании за во иднина да бидат максимално подготвени за да нема поголеми последици.

Од општината, неколку дена подоцна (16 јуни) за Порталб.мк изјавија дека интервенирале во акцискиот план, при што ја надополниле јавната набавка за одржување и чистење на канализации и шахти и се очекувало истата да биде објавена.

Но, дождовите на 22 август го демантираат тоа, бидејќи поројниот дожд им нанесе голема штета на жителите и повторно блокираше некои патишта, накратко, се повторија истите проблеми.

Според веб-страницата за јавни набавки, Општина Тетово на 12 август ја избра компанијата Хигиена Про Груп Дооел увоз-извоз за чистење на шахтите, но конкретните детали уште не се објавени и се очекува тоа да се направи во наредните денови.

А во описот се вели дека се предвидува да се направи: рачно чистење на шахти од наталожениот материјал, земја, песок и сл.; рачно чистење на цевки блокирани од наталожениот материјал, земја, песок и сл. од атмосферска дренажа во атмосферски шахти и пуштање во работа на функцијата на атмосферската линија; механичко чистење на цевката блокирана од наталожен материјал, земја, песок и сл., од шахта до шахта и ставање во функција на атмосферската линија.

Од друга страна, јавното комунално претпријатие постојано се труди да работи во оваа насока, но средствата со кои располага не се соодветни.

Неодамнешните поплави во Тетово предизвикаа значителни штети во градот, во селата Ѓермо, Мала Речица и Порој, како и во селата од тетовските планини. Според информациите, има десетици граѓани чии куќи се оштетени од водата.

Владата на Македонија иако имаше барање од Кризниот штаб на општина Тетово, за да им се помогне околу нанесените штети на жителите, тие не го прифатија истото, а не кажуваат зошто не дошле на помош.

ИзворПорталб

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади ќе креираат стрипови за меѓуетнички дијалог и борба против дискриминација

Стрип центарот на Македонија од Велес започна со имплементација на проектот „Да и дадеме шанса на инклузијата“ од вториот отворен повик на Младинскиот меѓукултурен уметнички фонд во рамки на...