Кампања на ЗОО-Скопје и ЈП Лајка: Не ги напуштајте милениците, тие се дел од семејството

Фото колаж: Мета.мк, sandeep gill on Unsplash , Elizabeth R. on Unsplash

Земајки предвид дека кучињата и мачките имаат висока репродуктивна способност и се размножуваат со геометриска прогресија, што значи дека од еден пар кучиња или мачки за 8-9 години може да се добијат илјадници потомци од кои голем дел завршуваат на улица ЗОО-Скопје и ЈП Лајка започна кампања со цел подигање на свеста против напуштање на милениците и одговорно сопствеништво.

„Во текот на кампањата предвидени се и работилници, едукативни предавања, хуманитарни базари, како и еден голем завршен настан на пролет. Секако, покрај нашата кампања, апелираме и за поголема контрола од АХВ и санкции за неодговорните сопственици според законот за благосостојба на животните“, изјави порпаролката на ЗОО- Скопје, Тина Мицковска  која најави дека во кампањата ќе се вклучат и познати јавни личности кои се љубители на животните, а во следните фази ќе се одржат и часови по емпатија во училиштата каде што како предавачи ќе се вклучат вработени од ЈП Лајка и ЗОО-Скопје, како и активисти од здруженијата за заштита на животните.

Таа нагласи дека преку оваа кампања сакаат да ја зголемат свеста за милениците, за одговорно чување, за придобивките од растење на децата со миленик, но пред сè за стресот кој им се случува на животните кога ќе бидат оставени во друга непозната средина. Мицковска посочи дека освен со напуштени кучиња и мачки често се соочуваат и со напуштени зајчиња, папагали и желки.

„Колку за пример, само во ЗОО Скопје минатата година имавме преку 300 барања да примиме зајчиња кои родителите ги купиле за своите деца, па после 3-4 месеци веќе не може да ги чуваат. За овие мали нежни суштества најголем стрес е од домашна топла атмосфера каде што растеле одеднаш да бидат донесени во надворешна средина, каде што има многу зајаци кои не ги прифаќаат баш сите новодојдени. Сакаме луѓето да научат дека животните не се играчка, туку кога ќе пристигнат во домот стануваат дел од семејството“, рече Мицковска.

Таа додаде дека преку кампањата „Нашите миленици се наше семејство, не ги напуштајте!“ заеднички ќе се обидеме да ги едуцираме граѓаните кои чуваат миленици што значи одговорно сопствеништво, низ колкав стрес поминуваат напуштените животни и зошто е добро децата да растат со миленик кој е дел од семејството.

Активистите со кои Мета.мк разговараше сметаат дека оваа иницијатива е позитивна, но дека не е доволна.

„Позитивно е што во Скопје функционира ЈП Лајка, имајќи предвид дека во многу други градови воопшто нема стационар, мора да забележам дека ЈП Лајка нема доволно капацитет за згрижување и третирање на големиот број бездомни кучиња во градот“, за Мета.мк изјави активистката Веселинка Костова.

Според неа, треба да се размисли за спроведување на програмата за хуман третман и на ниво на секоја скопска општина посебно.

„Така би се зголемил капацитетот за згрижување, а добро би било општините да соработуваат и со локалните активисти и ветеринари. Се разбира не треба да очекуваме резултати преку ноќ, но доколку доследно се спроведува програмата и на градско, и на општинско ниво, во иднина ќе се согледаат резултатите. Сепак, од клучна важност е истовремено да се спроведува законот за одговорно сопствеништво, зашто само на тој начин ќе се дојде до намалување на бројот на бездомни животни“, апелира Костова.

Опсежната анализа на Мета.мк покажа дека животните ширум земјата имаат права само на хартија, активистите се финансиски и психички исцрпени, но не се откажуваат од својата мисија. Анализата исто така покажа дека во општините нема доволно интерес за да се поттикне одговорно сопствеништво на домашни миленици и нема интерес за директна соработка со активистите кои секојдневно згрижуваат животни.