Корона вирусот во нашата земја не го погоди само здравјето на луѓето, туку и нивните џебови, односно семејните буџети. Професорот Хасим Деари од Гостивар се одлучил да почне акција, со која средствата за двете кафиња дневно кои вообичаено ги пие во локалните угостителски објекти да ги подари на келнерите во неговиот град, пишува „Порталб.мк“. 

Како што вели професорот Деари, најпогодени категории на граѓани при вакви случаи се сиромашните, келнерите и сите други бизниси, особено локалните.

– Овие категории се најчувствителниот дел од нашето општество од една страна, а од друга пак тоа се луѓе кои прво ги среќаваме во текот на денот. Повеќето од нив, речиси немаат никакви приходи од денот кога стапија на сила владините наредби – истакна Деари.

Бидејќи сега не е во можност да ужива во пиењето на дневните кафиња во некое од локалите во градот, тој сепак парите за оваа намена ќе ги донира за плата на келнерите кои го послужувале порано.

– Како граѓанин на Гостивар, и не само на тој град, со многу пријатели и познаници, преку овој Фејсбук статус, мојата цел беше да ја сензибилизирам пошироката јавност во општеството во нашата земја, дека гореспоменатата категорија реално бара, сите ние, без исклучок да бидеме солидарни и несебични преку помагање било и само со симболичен износ од едно или две кафиња дневно за мојот келнер – вели Деари.

Тој ги повика сите граѓани да преземат слични чекори.

– Ако не на келнерот, ваква постапка може да направите и вие во поинакви форми како прехранбени производи, хигиенски средства или лекарства, или пак преполовување или донирање на киријата за деловниот простор – додава Деари.

Оваа иницијатива на професорот Деари веќе се претвори во кампања, и сите тие кои се придружуваат објавуваат слика со текст: #TëNdihmojmëNevojtarëtTonë, #TëNdihmojmëKafeteritëTona, #TëNdihmojmëKamarierëtTonë, #TëNdihmojmëBiznesetTona(#ДаИмПомогнемеНаСиромашните #ДаИмПомогнемеНаНашитеКафулиња #ДаИмПомогнемеНаНашитеКелнери #ДаИмПомогнемеНаНашитеБизниси).

Инаку, со донирање на средствата за две кафиња во текот на месецот се пресметуваат 60 кафиња, коишто професорот ќе му ги подари на неговиот келнер на крајот од оваа пандемија. Тој смета дека нашата поддршка, колку и да е мала, помага и го олеснува нивниот опстанок и ја зајакнува надежта.