Сообраќајот на граничните премини Батровци-Бајаково, Шид-Товарник и Богојево-Ердут се одвива нормално, откако е укината блокадата меѓу Србија и Хрватска, јавува „Танјуг“.

Репортерот на овој медиум јавува дека на Батровци сообраќајот се одвива без какви било пречки.

Патничките возила со српски регистарски таблички непречено влегуваат во Хрватска, а истото важи и за камионите со хрватска стока во спротивна насока.

Колоната на товарни возила на излезот од Србија, која претходните денови поради блокадата беше 13 километри, значително е намалена.

– Задржување на патнички возила нема, камионите кои утринава дојдоа, одамна ја поминаа границата – изјавија од граничниот премин Батровци.

Товарниот и патничкиот сообраќај на граничниот премин Шид-Товарник, денеска се одвивал нормално.

Припадниците на српската гранична полиција изјавиле дека сообраќајот се одвива без проблеми, а чекањето е малку подолго за товарните возила поради колоната создадена претходните денови.

Камионите на Батровци чекаат околу еден час за да поминат.

Министерот за внатрешни работи на Србија, Небојша Стефановиќ, изјави дека граничните полиции на двете држави се во редовен контакт околу нормализацијата на сообраќајот на српско-хрватската граница.