Најмалку 73 лица загинаа, а околу 50 се повредени кога камион влета во преполно шеталиште во Ница, додека траела прославата на Денот на падот на Бастилја, пишува интернет-изданието на францускиот весник „Фигаро“, повикувајќи се на полициски извори.

Градоначалникот на Ница, Кристијан Естрози, потврди дека повеќе од 70 лица се убиени во „најлошата трагедија во историјата на Ница“. Тој додаде дека камионот бил преполн со оружје и со гранати.

„Си-ен-ен“ јавува дека се повредени повеќе од 100 лица, додека другите светски медиуми јавуваат дека на улиците на Ница владее вистински хаос бидејќи телата на загинатите и на повредените лежат по улиците.

Францускиот претседател, Франсоа Оланд, како што соопштија од неговиот кабинет, веднаш заминал во центарот за кризи при француското МВР.

Засега не е познато како се случил инцидентот, но полицијата потврди дека возачот на камионот е „неутрализиран“ во престрелка со полициските сили и оти во моментов се истражува дали дејствувал сам или имал соучесници.

Снимка од камионот како ги прегазува луѓето во Ница се појави на социјалните медиуми. Возачот, пред да биде застрелан, извозел два километри од шеталиштето.

На местото на настанот има многу екипи на итна медицинска помош и полициски сили.

Локалните власти испитуваат дали се работи за планиран напад и ги предупредија граѓаните да не излегуваат од дома.

Во меѓувреме, париската полиција соопшти дека камион кој превезувал пиротехника се запалил во близина на Ајфеловата кула, поради што била издадена наредба да се избегнува тој дел од градот.