Дејвид Камерон утрово соопшти дека ќе поднесе оставка на функцијата премиер до октомври, откако граѓаните на Велика Британија изгласаа земјата да ја напушти Европската Унија.
Во говорот по одлуката на Британците за Брексит, Камерон рече дека волјата на британскиот народ мора да се почитува и оти тоа е упатство што мора да се почитува.
Тој рече дека треба да се избере нов лидер до почетокот на конференцијата на Конзервативната партија, закажана за октомври.
– Ја сакам оваа земја и се чувствувам почестено што ѝ служев. Мислам дека не би било во ред да бидам капетанот што ќе ја поведе нашата земја кон следната дестинација – рече Камерон, кој се залагаше за останување во ЕУ.
Неговата изјава следува откако британскиот народ, по речиси 50 години членство, одлучи Британија да се повлече од ЕУ.
Британскиот весник „Индепендент“ оценува дека Брексит веројатно ќе придонесе за втор референдум за независност на Шкотска, која за разлика од Англија и од Велс, гласаше за останување во ЕУ.
Никола Стурџен рече дека Шкотска испратила „јасна порака“ дека својата иднина ја гледа во Европската Унија.
Со сличен став се и дел од политичарите на Северна Ирска, која, исто така, гласаше за останување во ЕУ. Деклан Керни, претседателот на Шин Фејн, сеирската националиситчка партија, соопшти дека одлуката за Брексит ја лишува британската влада од надлежноста да ги претставува интересите на жителите на Северна Ирска. Тој оцени дека тоа ќе биде повод и за обединување на регионот со соседна Ирска.