Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Камерите во Скопје се тактика за собирање пари. Подмолно.

Доколку некој вози прописно, нема да добие казна. Целта не е собирање пари туку да се воведе ред во сообраќајниот хаос и да се намали бројот на жртви во сообраќајот, како и да се воведе унифициран систем кој ќе зависи од машина и ќе биде непристрасен, објави Вистиномер.

Системот „безбеден град“ е во фаза на напредно тестирање во Скопје. За да биде целосно ставен во функција овој систем во 2026 година, треба да се усвојат повеќе закони во Собранието.

Со последните измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, прекршоците документирани со технички средства – камери, сензори и уреди за снимање – се сметаат за валиден доказ. Во првата фаза системот ќе регистрира: брзо возење, минување на црвено светло, истечена важност на сообраќајна дозвола и непрописно паркирање. Во следната фаза е предвидено проширување на спектарот на прекршоци.

Казни нема да има за возилата со првенство на минување, како тие на итната помош, пожарната и полицијата. Тие ќе бидат внесени во системот и за нив нема да има казни. Максималната брзина што е регистрирана од кога системот е во пробна функција – е 231 километар на час!

Кога системот ќе биде во целосно пуштен во употреба сопствениците на возилата за кои е утврден прекршок ќе добиваат СМС порака и е-пошта со линк за преземање записник со платен налог. Прекршоците ќе можат да се платат електронски, а при навремено плаќање нема да се наплаќаат дополнителни трошоци. За одредени прекршоци за кои е пропишана и мерка забрана за управување со возило, МВР ќе поднесува барање за поведување постапка до надлежен суд.

Во првите 12 часа од пробното функционирање на системот беа регистрирани дури 65.000 прекршоци од кои за поминување на црвено светло 2.800 и нерегистриран автомобил 1.000.

Оваа алармантна бројка уште еднаш ја потврдува неопходноста и оправданоста на системот, од кој очекуваме значително подобрување на сообраќајната култура, зголемена безбедност за сите учесници во сообраќајот и намалување на штетите и жртвите на патиштата, велат од МВР.

Во овој момент никој не плаќа казни бидејќи системот е во пробна фаза. Според министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, целта не е да се казнуваат минимални прекршоци туку опасни однесувања кои водат до тешки несреќи и загубени животи. Министерот нагласува дека камерите не се поставени како „скриени замки“, туку имаат превентивен ефект: кога возачите знаат дека се врши контрола, се намалува брзината и се зголемува вниманието, со што се избегнуваат трагедии.

Системот „Безбеден град“ детектира возење со надмината брзина, поминување на црвено, непрописно паркирање и возење со истечена сообраќајна дозвола а понатаму, во следната фаза, ќе се разгледа и проширување на типот на прекршоци и тие од пешаци, велосипедисти и возачи на тротинети.

Со стартот на овој систем испраќаме јасна порака – безбедноста на граѓаните е врвен приоритет. Нема толеранција за несовесно возење, без разлика дали е во градска зона или на отворен пат. ‘Безбеден град’ е проект кој штити животи и ја враќа дисциплината во сообраќајотвели министерот Тошковски.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека голем дел од жртвите се резултат на непочитување на правилата, најчесто поради брзо возење и поминување на црвено светло. Началникот на СВР Скопје Сашо Топаловски вели дека откако е имплементиран Безбеден град, има помал број на сообраќајки. Ако лани во првата недела од декември имало четири сообраќајни несреќи со тешки телесни повреди, сега таа бројка е нула.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.