Фото: Архива на Мета.мк

Бизнисменот Јордан Камчев, кој денеска од притвор беше спроведен во судот за да сведочи во случајот „Меѓународен сојуз“, побара да биде изземен од својство на сведок.

Тој пред судот изјави дека неговиот кредибилитет како сведок е нарушен и нема да му биде од корист на Обвинителство. Обвинителката Ивана Трајчевска го отфрли барањето, образолжувајќи дека притворот е одреден за друг предмет.

Камчев рече дека прв пат за Меѓународен сојуз разбрал во 2018 година и до него стигнале два предлози, еден за изградба фешн мол и другата за страречки дом.

„Во овој случај фалат и лицата Зоран Милевски, Катица Јанева и нејзиниот син. Првиот не го прифатив бидејќи мислев дека нема економска логика. Вториот предлог за старечки дом исто го одбив. Ми беше кажано дека од ова има интерес синот на Катица Јанева и од тогаш почна тортурата врз мене,“ рече Камчев.

Според неговото сведоштво, преку „Систина“ и „Орка“ биле уплатени вкупно 300.000 евра за телевизијата „1Тв“ сопственост на Бојан Јовановски.

„За Меѓународен сојуз знам дека се вртеа бизнисмени со торби. Бојан успеа да направи цел град мајмуни, ете тоа знам за Меѓународен сојуз,“ сведочеше Камчев.

Во случајот „Меѓународен сојуз“ Бојан Јовановски (Боки 13) , како прв човек на организацијата е првообвинет за кривичните дела перење пари и за измама, а Фросина Ременски е третообвинета за помагање во делото измама. Јасна Ерцеговиќ-Мандиќ како заменик-претседателката на Меѓународниот сојуз, и асистентката Христина Блажевска, пак, се обвинети за помагање во двете дела. Таткото на Борјан, Миле Јовановски, се товари за помагање во перењето пари, како и за незаконско изработување, држење, посредување и тргување со оружје бидејќи при претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола.