fbpx

Каматните стапки за дозволено пречекорување достигнаа 10 отсто со што се зголемија давачките на граѓаните

-

Најголем дел од домашните банки од неодамна речиси ги изедначија каматните стапки на дозволениот и недозволениот минус на банкарските сметки на граѓаните. Така, сега и кога трошите од т.н. „дозволено пречекорување“ плаќате камата од 10 отсто на годишно ниво за потрошениот износ. Во некои банки, оваа каматна стапка пред покачувањето изнесуваше само 2 отсто.

При покачувањето на каматата, граѓаните беа единствено известени преку кратка порака од самите банки.

Две од трите најголеми банки велат дека во зголемувањето на каматните стапки тие ги следат чекорите на НБРСМ, додека од Народната банка велат дека станува збор за пазарна одлука на самите банки.

Поточно, од НЛБ одговорија дека покачувањето на каматните стапки за дозволено пречекорување е извршено согласно покачувањето на каматните стапки на благајничките записи од страна на Народната банка.

Последната промена во НЛБ Банка е направена на 1 јули годинавакога каматната стапка за дозволено пречекорување е зголемена за 0.75 процентни поени. Промената на каматната стапка на дозволеното пречекорување произлегува од промената на каматната стапка на благајничките записи, бидејќи истата е варијабилна и е составена од вредноста на благајничките записи зголемена за фиксен додаток“, гласи одговорот. 

И од Комерцијална Банка АД Скопје посочија дека каматната стапка на дозволеното пречекорување на трансакциските сметки на физичките лица директно зависи од референтната стапка за казнена камата, која ја објавува НБРСМ два пати годишно.

„Поради промена на референтната стапка за пресметување на стапката на казнена камата, почнувајќи од 01.07.2022 година, каматната стапка што се применува при пресметување камата на искористениот дел од дозволеното пречекорување изнесува 9,95%. Каматната стапка што се применува при пресметка на камата за недозволено пречекорување изнесува 10,00% на годишно ниво“, прецизираат од Комерцијална банка.

Оттаму додаваат дека тие висината на каматните стапки ја утврдуваат врз основа на нивните трошоци, во кои е вкалкулирана и стапката на инфлација, како и целите кои си ги имаат зацртани и, секако, очекувањата на акционерите во Банката.

„Кај надоместоците, најголемо влијание имаат директните трошоци за обезбедување на одредени услуги или функционалности. А, каматните стапки се условени од референтните каматни стапки за соодветни инструменти, каматните стапки на меѓународниот и на домашниот пазар на пари, кредитната способност на кредитокорисникот и квалитет на обезбедувањето, трошоците на задолжителната резерва кај Народната банка, трошоците за пренос на средства (МИПС), рокот на орочување или рокот на кредитот, стапката на инфлација, како и од останати трошоци согласно барањата кои произлегуваат од законската регулатива и
останатите состојби во економијата“, велат од Комерцијална банка.

Мета.мк прашања испрати и до Стопанска банка АД Скопје, но до денот на објавување на оваа статија одговори не добивме.

Од НБРСМ пак, информираат дека банкарските надоместоци за дадените услуги, во основа се деловна и пазарна одлука на самите банки.

„Нашите официјални статистички податоци, засега не покажуваат поголеми промени во каматните стапки, како основна цена којашто населението и корпоративниот сектор ја плаќаат за кредитите коишто ги користат од банките. Но, се разбира, централните банки, водејќи се од интересот на граѓаните и компаниите, делуваат индиректно врз цената на банкарските услуги преку поттикнување на поголема конкуренција, особено во делот на платежни услуги, а поголемата конкуренција секако носи поширока понуда на производи по поповолни услови за граѓаните и компаниите“, велат оттаму.

Според податоците наведени на официјалните веб-страници на банките, каматната стапка за дозволено пречекорување на годишно ниво за сите клиенти изнесува 10 отсто од вкупниот пречекорен износ.

Согласно тоа, доколку еден граѓанин којшто месечно зема просечна нето плата, што според Државниот завод за статистика по пресметките во месец јули изнесува 31.812 денари, пречекори една цела плата, на годишно ниво тој треба плати 3.181,2 денари.

Управителот на Aгенцијата за даночен и финансиско-сметководствен консалтинг „Про Агенс“ и магистер по Монетарна економија, Павле Гацов смета дека ниту еден пропис не наложува зголемување на овие каматни стапки.

„По 2015, 2022 година е прва година со позитивни еурибор каматни стапки. Народната банка соодветно ја зголеми основната каматна стапка на 3 отсто во обид да влијае на намалување на побарувачката и кредитниот мултипликатор на комерцијалните банки, а заради зауздување на растечката инфлација“, укажува Гацов.

Тој објаснува дека ваквото зголемување на каматните стапки е следено и со минимално зголемување и на депозитните камати, но и каматата на благајничките записи, односно државните записи и обврзници.

Според Гацов, за банките во моментов е креиран простор за зголемување на стапките на дозволени пречекорувања што претставуваат нивен приход.

„Ниту еден пропис не наложува зголемување на овие каматни стапки и истите не се утврдени со посебен пропис, а од друга страна тие ја користат својата пазарна позиција за подобрување на финансискиот резултат за сметка на своите клиенти“, посочува тој.

Приходот што го добиваат банките на сметка на граѓаните е резултат на зголемувањето на референтната каматна стапка, од која како што посочува и Гацов, се пресметува казнената камата за задоцнети плаќања и која од јули 2022 година наваму изнесува 11 отсто за граѓани и 13 отсто за компании.

Народната банка решението што ќе води кон повторно намалување или нормализирање на каматните стапки за дозволено пречекорување го гледа во новиот Закон за платежни услуги, што треба да стапи на сила од 1 јануари 2023 година.

Оттаму велат дека имплементирањето на истиот треба да поттикне влез на нови даватели на платежни услуги.

„Со тоа ќе се зголеми и конкуренцијата имајќи предвид дека банките тековно се единствени даватели на платежни услуги. Конкуренцијата со појавата и на други даватели на платежни услуги се очекува да влијае кон намалување на цените за услугите“, велат од НБРСМ.

Во одговорот се додава дека од Законот се очекува да обезбеди поголема транспарентност со цел заштита на потрошувачите.

„Преку воведувањето на платежна сметка со основни функции граѓаните ќе можат да извршуваат платежни трансакции за подмирување на нивните вообичаени обврски а за истите ќе плаќаат разумна висина на надоместоци која не смее да биде повисока од 0,1 отсто од просечната исплатена нето плата во земјата за претходните 12 месеци (околу 30 денари)“, велат од НБРСМ.

И Гацов се согласува дека за да се случи намалување на каматните стапки потребно е зголемување на конкуренцијата во банкарскиот сектор.

„Имено, платежните услуги не се форма на депонирање и кредитирање на парични средства за камати, туку форма на трансфер на пари за што ќе се наплатуваат провизии. Во македонскиот финансиски систем освен банките и штедилниците се вклучени и финансиските друштва, но за жал тоа не беше причина за подобрување на позицијата на клиентите од аспект на намалување на активните каматни стапки, и оттука останува состојбата македонските банки да работат со највисока каматна маргина што ја прави нивната позиција во овој сегмент да биде извесно комотна“, забележува Гацов.

(Овој текст е изменет на 26.10.2022 година во 9:45 ч. при што се додадени одговори од Комерцијална банка АД Скопје)

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...