fbpx

„Какво распуштање, нема опуштање“, порачаа демонстрантите пред Собранието

-

Со пораки „Собрание, собери се“, „Какво распуштање, нема опуштање“ и „Владо, мори, душманке“, испишани со боја на улиците низ главниот град, „Шарената револуција“ покажа што мисли за одлуката на Трајко Вељаноски да не го свика Собранието за да ги одложи изборите.

Протестот традиционално почна пред Специјалното јавно обвинителство, од каде што демонстрантите се упатија кон Собранието. Таму тие им порачаа на пратениците дека треба да ги слушаат граѓаните, а не политичките партии.

Со голем чатал демонстрантите фрлаа балони со боја кон Собранието.

На протестот говореа студентот Борјан Ѓузелов, професорот Гордан Калајџиев  и Едмонд Адеми од СДСМ.

Ѓузелов рече дека му е драго што веќе еден месец граѓаните заедно протестираат против власта, која ги троши парите на народот и ги узурпира институциите.

– Собранието го направија нивна продолжена рака. Само минатата година се донесоа 540 закони, од кои 350 по скратена постапка. Во август минатата година донесоа 120 закони за два дена, ги прочитаа ли тие закони? Морам да кажам дека најмногу сум лут затоа што се обидуваат да нè прават будали преку нивните медиумски мегафони. Протестите нема да завршат сè додека не се исполнат нашите барања. Нема правда, нема мир, продолжуваме понатаму. Ќе има правда и ќе има мир – рече Ѓузелов.

Професорот Гордан Калајџиев рече дека очекувал почесто на протестите да зборуваат и неговите колеги кои ги слушал низ ходниците на факултетот.

– Ме прашуваат што ќе се случи понатаму? Им велам, „Не знам кога, но сигурно ќе победиме“. Немаме тенкови, не знаеме да летаме, но како што рекол Мартин Лутер Кинг, ќе ползиме, но ќе одиме напред. Аболицијата на Иванов беше последниот удар врз демократијата. Без правда, владата не е ништо освен разбојничка држава. Немаме друга опција, мораме да продолжиме и да се избориме за слобода. Нека ни се смеат тие за „хипи Шарената револуција“, но нека сфатат дека ова е само предупредување, ако треба ќе паднат и жртви, но ќе ја одбраниме нашата држава – рече Калајџиев.

Од Собранието демонстрантите се упатија кон Министерството за надворешни работи и кон Владата. Денеска боја добија и оградата на Мостот на револуцијата и лавовите на мостот Гоце Делчев.

На крстосницата пред владата двајца демонстранти напишаа „Владо мори душманке“.

Протести денеска се одржаа и во Кочани, Крива Паланка, Битола, Струмица, Кичево и во Виница.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...