Српскиот претседател Александар Вучиќ на седницата на владата откри дека имал информации според кои следните неколку дена Владата на Приштина ќе ги обвини Србите за експлозијата на каналот Ибар-Лепенец, пренесува српскиот медиум Данас.
Душан Јањиќ, директор на Форумот за меѓуетнички односи, за Данас вели дека ова не е ништо ново и дека владата во Приштина започна со обвинувањата уште кога косовскиот премиер Албин Курти првично го окарактеризира овој настан како терористички чин.
Со отварањето на седницата, Вучиќ прво зборуваше за ситуацијата на Косово и одговорноста за експлозијата на каналот Ибар-Лепенец што се случи на 29 ноември.
„На Косово и Метохија нашиот народ жестоко се бори за опстанок и за политички легитимитет. Она што можам да ви го кажам е дека режимот на Курти во наредните денови ќе ги прогласи Србите за виновници без материјални докази за диверзија на каналот Ибар-Лепенец со јасна политичка цел. Смислата и целта е на секој начин да се обиде да го забрани учеството на Српската листа на претстојните избори“, посочи Вучиќ.
Неколку дена по експлозијата, Вучиќ изјави дека Србија нема никаква врска со тоа и дека поддржува отварање на меѓународна истрага за да се утврди што се случило.
Оттука, интересно е што оваа тема Вучиќ ја става на дневен ред во време кога низ цела Србија има студентски блокади и се чини дека тие нема наскоро да бидат прекинати.
Одговарајќи на прашањето дали намерата на Вучиќ е да ја искористи темата за Косово и експлозијата на каналот Ибар-Лепенец за да го оттргне вниманието до одреден степен од протестите, блокадите и незадоволните граѓани, претседателот на Форумот за меѓуетнички односи Душан Јањиќ вели дека долго време се прават напори да се врати на преден план прашањето за Косово, за да се сврти вниманието и да се олесни притисокот врз власта, кој секојдневно го вршат внатрешните проблеми.
Јањиќ посочува дека најавата на Вучиќ дека Косово ќе ја обвини Србија за експлозијата во Зубин Поток не е ништо ново.
„Курти веќе го направи тоа. Неговата прва дефиниција беше дека тоа е терористички чин“, заклучува тој.