fbpx

Како ВМРО-ДПМНЕ одеднаш ги засака партизаните и НОБ

-

ВМРО-ДПМНЕ во денешното редовно утринско соопштение ги обвини СДСМ и неговиот лидер Зоран Заев дека со прифаќањето на платформата на албанските партии, меѓу другото, сака да ги осуди борците од АСНОМ и партизаните за нивната борба за слободна држава.

Хипокризијата се гледа од едноставното набројување на „делата“ на партијата на власт во изминативе години:

  • Дел од спомениците од НОБ се целосно уништени или осквернавени;
  • Тие што останаа паднаа во сенка на спомениците од проектот „Скопје 2014“ – Музејот на македонската борба, составен од Музеј на македонската борба за државност и самостојност, Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите на комунистичкиот режим;
  • Улиците, кои носеа имиња на хероите од НОБ, добија имиња на контраверзни личности од историјата на ВМРО;
  • Во 2012 година Сојузот на борци на Македонија ги загуби своите простории, а неговите членови без избркани на улица;
  • Во буџетот за 2017 година не се предвидени пари за финансирање на Сојузот на борците од НОБ.

Ненадејното навраќање и оддавањето почит и признание на Народно ослободителната борба (НОБ) и на АСНОМ почнува со агресивната кампања на ВМРО-ДПМНЕ во чиј фокус е т.н. платформа на албанските партии, а против формирање на ново парламентарно мнозинство и нова владина коалиција. Партијата и нејзините поддржувачи сè почесто потсетуваат дека платформата значи дека се напуштаат идеалите на партизаните, на НОБ, на АСНОМ, со извици „затоа ли гинеа борците“.

Сепак, ВМРО-ДПМНЕ уште од самото свое појавување на политичката сцена во Македонија, на почетокот на 1990-тите години, и по своето прво доаѓање на власт во 1998 година, на чело со Љубчо Георгиевски, и второто во 2006 година предводена од Никола Груевски, гаи анимозитет и се дистанцира од НОБ, комунистите, социјалистичкото минато, партизаните и од борците.

Поранешниот претседател на државата и некогашен лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, во пресрет на 11 Октомври во 2010 година од Прилеп изјави дека „ВМРО-ДПМНЕ во континуитет го потценува НОБ“, а изјавите што доаѓаат од партијата за значењето на празникот ги оцени како „цинични“.

– Цинични се изјавите што доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ дека во име на значењето на 11 Октомври треба да се демонстрира некакво заедништво. Познато е дека оваа партија во континуитет го потценува или релативизира значењето на НОБ… Впрочем, погледнете само во каква состојба се наоѓаат партизанските обележја и споменици во Македонија во исто време кога се фрлаат огромни пари да се градат скулптури, споменици, музеи посветени на што било. Ако тие од идеолошки или други причини се срамат од НОБ, ние се гордееме и сметаме дека тоа е најсветлиот период од историјата на македонскиот народ – рече Црвенковски од Прилеп на 6 октомври 2010 година.

На 10 октомври минатата година, претседателот на општинската организација на Сојузот на борци од НОВ во Битола, Александар Трајковски најавувајќи го учеството на Сојузот на борци на протестниот марш во Скопје на 11 Октомври, рече дека се решиле на ваков чекор затоа што „сегашната власт не ја признава Народно-ослободителната борба“.

– ВМРО-ДПМНЕ му ги одзеде просториите на Сојузот на борците на Македонија и направи да не се признава Народно-ослободителната и антифашистичка борба. Денешната власт не само што не ја признава НОБ и спомениците и спомен-облежјата кои ја симболизираат таа борба, туку нè донесе и во многу тешка материјална положба. Секој ден се чувствува поголема сиромаштија, неместо ние да напредуваме, ние, за жал, уште не можеме да го постигнеме животниот стандард од време на Социјалистичка Република Македонија, стигнавме до просјачки стап – рече Трајковски.

Во пресрет на прославата на 11 Октомври, денот на почетокот на антифашистичката борба, битолски Широк сокак минатата година беше излепен со плакати со ликот на Владо Черноземски, атентаторот на кралот на поранешна Југославија, Александар Први Караѓорѓевиќ, во Марсеј 1934 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...