Како престојот во вселената влијае на менталното здравје на астронаутите – натпревар за млади иноватори

Саманта Кристофорети. Снимка од видео клипот на Канадската Вселенска Агенција (Canadian Space Agencу).

Канадската вселенска агенција (КСА) упати повик до младите преку учество во натпреварот „Хакирање на мозокот за вселената“ (Space Brain Hack) да помогнат да се решат прашањата поврзани со менталното здравје на астронаутите бидејќи сметаат дека „нашата младина се научниците, истражувачите и решавачите на проблемите на иднината, и затоа сакаме да помогнат во обликувањето на канадската вселенска програма!“

При тоа, КСА објави видео клип во кој европската астронаутка Саманта Кристофорети одговара на прашањето „ Како престојот во вселената влијае на менталното здравје на астронаутите?“.


Во видеото, снимено пред нејзиното неодамнешно враќање од Меѓународната вселенска станица, астронаутката на Европската вселенска агенција (ЕСА) објаснува дека „Генерално земено, престојот во вселената има позитивен ефект на емоционалната добросостојба и менталното здравје на астронаутите. На крајот на краиштата, ние живееме искуство што нестрпливо сме го очекувале долго време, нешто што самите сме сакале да го правиме и за што сме обучувани. Ние сакаме да бидеме во вселената и преку службата како членови на екипажот на оваа вселенска станица ние добиваме чувство на смисла и чувство на мајсторство на својата професија, сите оние компоненти кои позитивно влијаат на менталното здравје.“

Како важен аспект на работата Кристофорети ги посочува колегијалноста меѓу астронаутите и космонаутите кои доаѓаат од повеќе различни земји, кои соработуваат и се поддржуваат без оглед на евентуалните политички или идеолошки разлики.

„Меѓу нас имаме меѓучовечки односи кои многу ни значат, како меѓу членовите на екипажот во вселената, така и со членовите на проширените тимови на Земјата. Во најголем број случаи членовите на екипажот имаат голема почит и љубов за колегите и мислам дека тоа овозможува да се одржат позитивни односи во кои може да најдеме поддршка и утеха од другите“, вели таа.

Кристофорети исто така ги посочува и предизвиците од престојот вон планетата:

„Секако потенцијално може да има и предизвици, на пример кога ни недостасуваат семејствата и пријателите. Тоа секако се случува и може да биде предизвик. Може да имате и чувство дека пропуштате важни настани на Земјата, или понекогаш може да имате предизвици во врските со луѓето што се останати долу. Но, јас би рекла дека генерално балансот е многу позитивен, мислам дека би било тешко да се најде волку позитивна работна околина каква што имаме во заедницата за вселенски летови со човечки екипаж во општ случај, или специфично како член на екипажот на Меѓународната вселенска станица.“

Натпреварот „Space Brain Hack“ е отворен за ученици од основното образование и за учениците од 6 одделение основно образовние до втора година средно школо (во Канада основното образование трае 8 години). Преку иницијативата на младите луѓе им се поставуваат отворени прашања и проблеми за истражувањето на вселената и се бара да понудат решенија, иновации и изуми врз основа на изучување на науката, технологијата и математиката (STEM).

Темата на натпреварот за учебната година 2022-2023 е менталнот здравје, а со цел да се помогне на глобалната вселенска заедница успешно да ги изведе мисиите Артемис и Лунар Гејтвеј (Месечева капија) со кои се планира луѓето пак да дојдат до Месечината, а подоцна и до Марс.

Како предизвик, натпреварот поставува до децата конкретни прашања што може да ги решат или преку работа во групи или индивидуално како на пример како астронаутите да добијат доволно сетилни стимулации или намалување на стресот преку виртуелно оддалечување, или пак на кои начини може да ги одржуваат врските со семејството и пријателите на матичната планета.

Со цел вклучување на што повеќе групи деца и наставници во активностите што се планира да се вршат и во училиштата, но и во младински организации, научни центри и музеи низ цела Канада, КСА има подготвено и Водич за едукатори, Збирка алатки за ментално  здравје во вселената и во изолација, презентации, наставни листови за помладите и постарите ученици и други ресурси.

Меѓу наградите за натпреварот се објавување на најдобрите проекти на веб-сајтот на КСА, учество на трите највисоко рангирани тимови во виртуелни работни сесии со експерти на КСА, како и виртуелна посета на астронаути во училиштето или локалната заедница на победниците.