Најмалку четири милиони евра што Унгарците ги платиле од август 2018 година за финансирање медиуми од „кругот на партијата СДС“ во Словенија и политичко-разузнавачките операции за поткопување на зачленувањето на Северна Македонија во НАТО, во Словенија влегле преку сметки и компании што луѓе од најтесниот круг околу унгарскиот премиер Виктор Орбан ги отвориле во Лондон, пишува словенечкиот центар за истражувачко новинарство necenzurirano.si, повикувајќи се на документи, податоци и информации до кои дошла екипата на овој центар за истражувачко новинарство.

Тие првпат овозможуваат делумен увид во тековите на кешот за ширењето на унгарското влијание во Словенија и на Балканот. Колку пари дошле во последниве години во Словенија од ваквите сметки засега е уште непознато. Унгарскиот политички врв го засили финансирањето на медиумските куќи на партијата СДС на Јанез Јанша, а преку словенечки банки и помагачи во Словенија, води обемна политичко-разузнавачка медиумска операција во Северна Македонија. Нејзината цел е да се урне тамошната влада и договорот што земјата ќе ја внесе во НАТО. Во операцијата, Унгарците-сопственици на медиуми од кругот на СДС, финансирана од компании од најтесниот круг околу Виктор Орбан, премиерот на Унгарија, играат клучна улога, пишуваат словенечките истражувачки новинари.

Како цел на тие финансиски трансфери, во истражувањето се посочени македонските „Курир“, „Нетпрес“, „Лидер“ и телевизијата „Алфа“.

Тие добиле информации и документи од повеќе земји, кои потврдуваат дека најмалку три компании поврзани со унгарската владејачка партија Фидес префрлиле во една фаза од операцијата од август 2018 година наваму дури четири милиони евра. Од нив 1,5 милиони останале во Словенија, а останатите 2,5 милиони се префрлени во Северна Македонија.

Според necenzurirano.si, парите што останале во Словенија, завршиле во Nova TV24.si (сопственик на телевизијата Nova24TV, која добила 1,2 милиони евра во 12 исплати, а 250.000 евра завршиле во Nova Hiša, која е издавач на веб-страницата Nova24TV. „Токму тие се двата медиуми што ја шират политичката пропаганда на СДС“, пишуваат словенечките истражувачки новинари.

Другите 2,5 милиони евра од унгарската финансиска инјекција завршиле во Северна Македонија, а дошле од сметката во Unicredit Slovenia на Петер Шац, претседател на Одборот на директори на NovaTV24.si и еден од унгарските бизнисмени што ги контролираат медиумите на СДС.

Парите доаѓаат од BELFRY од Унагарија, V4NA од Велика Британија и RIPOST Унгарија, при што легнуваат во словенечката R-POST-R.

Податоците покажуваат дека Словенија била отскочна штица за префрлање на унгарските пари во Северна Македонија. Таму тие се искористени од унгарските медиумски сопственици за купување и финансирање медиуми наклонети на опозициската десничарска партија ВМРО-ДПМНЕ. Всушност, станува збор за финансирање на политичко дејствување во земјата. Унгарците ги засилија финансиските дотоци во Северна Македонија пролетта 2018, кога премиерите Зоран Заев и грчкиот Алексис Ципрас постигнаат договор за преименување на земјата во Северна Македонија. Тоа беше услов за влез на земјата во НАТО.
Во тоа време Северна Македонија беше растресена од протести од поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, кои сакаа да го симнат Заев поради договорот. Во земјата повторно ќе има избори во април годинава. Политичката ситуација повторно се затегнува и нашите податоци покажуваат дека унгарските приливи на пари се уште доаѓаат во Северна Македонија преку Словенија. Унгарските бизнисмени поврзани со СДС, преку словенечкиот финансиски ситем, учествуваат во операција преку која кругот на Орбан директно работи против проширувањето на НАТО, интересите на најголемиот број членки на ЕУ и официјалната словенечка надворешна политика. Таа операција е во интерес на Русија, која е тесно поврзана со ситуацијата во Северна Македонија на политички и разузнавачки план. Таа неколку години се обидува да го блокира напредувањето на земјата во евроинтеграциите, пишува necenzurirano.si.

Истражувачките новинари потсетуваат дека на 29 септември 2017 година, Орбан, Јанез Јанша и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски се сретнале со Охрид, официјално на работен ручек на кои Орбан и Јанша му искажале поддршка на Груевски пред локалните избори.

Но во позадината, тие очигледно кроеле други планови. Само три дена претходно, на 26 септември 2017 година, унгарската бизнисменка Агнес Адамик, со-сопственик во NovaTV24.si заедно со членови на СДС, ја основа Адинамик Медиа во Скопје за да купува македонски медиуми. Истиот месец, Петер Шац во Северна Македонија го формира веб порталот Ripost…. Оригиналниот сопственик на порталот во Северна Македонија е љубљанската компанија R-Post-R na Шац. За помалку од година, унгарските бизнисмени станаа официјални сопственици на повеќе од 10 електронски, печатени и онлајн медиуми во Северна Македонија. Петер Шац почна со купувањата, а од 2018 година бизнисот го води Агнес Адамик. Унгарските пари за овие проекти постојано пристигнувале од словенија – преку сметки во Unicredit Bank што Шац и Адамик ги отвориле во Љубљана. На 11 април 2018 година, Адамик првин префрлила капитал од 400.000 евра од Унгарија во компанијата во Љубљана. Истиот ден, Адинамик Медија во Скопје добила 175.000 евра капитaл. Веднаш потоа, купува три медиуми во Северна Македонија, кои се вклучени во обид за уривање на владата. Адамик го врши последното купување со ЛД Прес во Скопје на 9 мај 2018 година, пишува во анализата на словенечкиот центар за истражувачко новинарство.