Албанскиот портал „Стандард.ал“ објави напис со наслов „Заев ни образложи за кого работи Рама или рускиот татко!“ со тешки обвинувања за премиерот Еди Рама, кој се повикува на Фејсбук статус на Петрит Васили, потпретседател на опозициското Социјалистичко движење за интеграции, од кој се добива впечаток дека премиерот Зоран Заев, во објавените разговори од руските комичари ја потврдува “предавничката” вмешаност на премиерот на Албанија во врска со тезата за размена на територии помеѓу Србија и Косово.

Целиот текст е цитат на статусот од Петрит Васили, каде, меѓу друго, се вели:

По она што го слушнавме од премиерот на Македонија, Заев, сите Албанци сфатија дека за кого работи “таткото” (Рама), или уште попросто, за кого уште работи рускиот “татко”.
Сета паника за руската опасност, која наводно се ширеше, ја држеше земјата во паника, а “таткото” беше тој кој нѐ бранеше од неа, што, всушност, претставувало само суптилен алиби за она што тој самиот го дизајнира и прави.

За овие објавени разговори од руските комичари изјава даде и косовскиот претседател Хашим Тачи, кој тврди дека освен што примил извинување од премиерот Заев како мета на овие снимени разговори, исто така, тој му кажал дека нема никаков начин за да утврди што точно е кажано во снимените разговори и дека информациите за тоа ги добил од рускиот портал „Спутник“ и други непотврдени извори.

Но, без да навлегуваме во содржината на написот и меѓупартиските обвинувања во албанската јавност, каде лесно може да се идентификуваат бројни невистини во објавената содржина, во овој напис тоа што е проблематично е дека, освен што насловот е ставен во наводници, нема никакво објаснување дека станува збор за став на политичар на висока функција во опозицискиот табор, не се објаснува ниту кој е Петрит Васили, што тој претставува во албанската јавност, каква функција врши во опозициската партија и во какво својство ја дава горенаведената изјава. А, освен тоа, написот е ставен во категоријата “Актуелно”, што подразбира актуелни информации, а не ставови или колумни на различни чинители во Албанија.

Ниту пак, во прилог е ставен транскриптот од објавените разговори на Заев со руските комичари, каде би можела да се провери вистинитоста на изјавата на Васили. Едноставно, јавноста со самото читање на насловот, добива впечаток дека “Рама е руски човек кој работи за поделба на Косово”.

За овој став на Петрит Васили известија и други албански медиуми, но во тие текстови точно беше кажано кој е Петрит Васили, од каде потекнува овој став, а во насловот, исто така беше спомнато дека тоа е изјава на заменик претседател на Социјалистичкото движење за интеграција, опозициска партија во Албанија.