fbpx

Како мислите децата да ни седат сами дома додека ние работиме, прашуваат самохраните мајки

-

По денешната владина одлука, од 23 септември да се вратат на работа родителите кои изминативе шест месеци ја користеа мерката да бидат ослободени од одење на работа, реагираше Здружението на самохрани мајки „Една може!“. Оттаму истакнуваат дека со започнување на вонредната состојба, специфични мерки беа креирани за различни групи, а самохраните родители беа изоставени и за нив не беа креирани индивидуализирани пакети на мерки.

„Безброј самохрани родители останаа без работа. Дел поради тоа што биле дел од неформалниот пазар на трудот (зошто формалниот пазар не може да одговори на специфичното секојдневно функционирање на овие семејства, а државата повторно не креира можности), друг дел ги загубија работните места поради несензибилност на приватниот сектор и немаат разбирање за оние кои немаат опција за чување на децата. Трет дел, дури сега ќе ги изгубат работните позиции, овој пат поради тоа што денеска беше одлучено сите да се вратат на работа, вклучително и самохраните родители“, велат оттаму.

Со оглед на тоа дека од октомври, учебната година физички ќе се одвива само од 8:30 до 10:30 часот, се наметнуваат повеќе прашања, додаваат во „Една може!“.

„Како замислувате децата од 23 Септември до 1 Октомври да седат сами дома? Како замислувате да се одвива работен ден на самохран родител, кој треба да однесе дете/ца на училиште во 8:30 и да ги земе во 10:30 па да ги однесе сами дома да седат до 16 часот? Како замислувате дека треба да се вратат на работа самохраните родители на кои не им ги примија назад во градинка децата на возраст до 5 години? Како замислувате дека едно четвртодделенче ќе седи само дома и ќе следи хибридна настава, ќе управува со компјутер, скенер, принтер, имање и немање интернет и собирање и печатење на несоосдветно формираната документација која неспремните стручни кадри ја испраќаат до учениците? Дали обезбедивте компјутер и интернет во секој дом каде има деца кои ќе следат хибридна настава?“, прашуваат во здружението.

Според ова, „Една може!“ бара повеќекомпонентна мерка која ќе може да се индивидуализира според потребите на секое еднородителско семејство.

„Мора да има опција за училишно згрижување со следење на сите препораки за заштита (онака како што ќе следат настава тие два часа, да бидат згрижени во дневен престој во училиштата до 16 часот). Потоа, опција за државен трансфер на средства со конкретна намена – плаќање на тутори за носење, земање и дочувување на децата во своите домови до 16 часот, како и опција за работа од дома за самохраните родители кои работат работа која овозможува работење од дома. Само вака ќе покажете дека не сакате да создавате нов социјален базен, трансгенерациска сиромаштија, дека нема да продолжите да дискриминирате со игнорантност и неземање во предвид на различностите со што дополнително мултиплицирате општетсво на раздор, мизогинија, класна сегрегација, феминизирана сиромаштија и угнетувате кај што треба позитивно да дискриминирате“, стои во соопштението на здружението.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Сенатот изгласа 95 милијарди за Украина и Израел, но и потенцијална забрана за ТикТок

Сенатот на САД, односно горниот дом на Конгресот, изгласа предлог-закон кој вклучува хуманитарна и воена помош за Украина, Израел, Газа и Тајван во вредност од 95 милијарди долари, но...