Лажните вести и феномените на софистицирани дезинформации сега се нашироко признати како суштински проблем со кој продолжуваат да се соочуваат дури и најразвиените општества.

Појавата на пандемија COVID-19 ја актуелизира дискусијата за овој проблем, откако јавноста, неформалните организации, па дури и владите се служеле со дезинформации за да просперираат среде паника и да ги остварат своите агенди – без разлика дали е тоа едноставна намера за стекнување лесни пари или мал чекор кон една поголема агенда против демократијата.

Но, производителите на лажни вести добија неочекуван сојузник – непрофесионалните онлајн медиуми. Иако не се поврзани со креатирите на лажни вести и сомнителните веб-страници што ги генерираат ваквите лажни вести, онлајн порталите станаа силна алка во синџирот на нивно пренесување.

Како се случи тоа?

Во Косово, технолошкиот развој во многу области брзо се прошири. Со енергична младина што стана активна и добро информирана, последниве години се појавија многу домашни компании што соработуваат со важни странски компании преку аутсорсинг.

Пред тоа, се случија различни бранови на технолошка навала – се појавија медиуми што почнаа да ја објавуваат својата работа на интернет и многумина ја прифатија оваа можнос и се свртеа кон објавувањето онлајн.

Бидејќи употребата на интернет е широко распространета и постојат компании кои уште на почетокот понудија силни врски, онлајн медиумите брзо создадоа успешни иницијативи. Но, секторот продолжува да страда од недостиг на потребни човечки кадри; повеќето училишта за новинарство во Косово имаат застарени наставни програми, а студентите обично не успеваат да ги стекнат потребните вештини за да станат вешти професионалци.

Порталите за вести продолжуваат да никнуваат како печурки по дожд, но новинарските практики често не ги исполнуваат минималните етички и професионални стандарди.

Оваа недела, млада девојка изврши самоубиство, а еден онлајн портал ги објави нејзиното име, слика и други податоци што би требало да се чуваат во тајност. Многумина изразија згрозување поради ваквата постапка, а Здружението на новинари на Косово бргу го осуди објавувањето на деталите што ја нарушија приватноста на жртвата.

Пред многу години, „КОХА Диторе“, угледен дневен весник од Косово, објави измислен напис на 1 април, што содржеше лага поради денот на шегата. Во написот се „објаснуваше“ како Џорџ Вашингтон имал потекло од косовските Албанци, но на крајот на написот пишуваше дека станува збор за првоаприлска шега.

Интересно беше што написот продолжи да се објавува во онлајн медиумите години подоцна, иако постојано се инсистираше дека информацијата не е точна.

Во принцип, онлајн порталите имаат исклучително ограничен број на вработени и обично функционираат преку принципот на преземање написи едни од други во текот на целиот ден. Вообичаено, еден новинар објавува повеќе од 20 написи дневно, а во поретки случаи бројот се искачува и на 40.

Така, кога сомнителниот напис ќе започне да кружи на интернет, новинари кои често се млади и неискусни не одвојуваат време и напор да ги проверат фактите претставени во написот. Потоа написот влегува во домен на циркулација што за неколку часа брзо ќе го прошири низ повеќе портали, давајќи ѝ предност на непроверената вест и предизвикувајќи огромни штети во процесот.

Многу експерти тврдат дека училиштата во своите наставни програми треба да вклучуваат предмети за медиумска едукација со цел да се минимизираат штетите предизвикани од лажните вести, пропагандата и непроверените детали во написите. Сепак, брз крај на сето ова сè уште не се гледа. На политичко ниво се дискутира преземање и на други мерки, бидејќи поборниците за слободен говор продолжуваат да се спротивставуваат на сите предложени мерки.

Ариан Љумези