fbpx

Како им се вкрстија патиштата на Македонецот Тодоровски и рускиот агент за пропаганда, Курејев?

Блумберг објавува најнови сознанија, добиени со увид во документи, од кои се гледа дека рускиот разузнавач Артем Курејев водел кампања за руско влијание во Европа, а попатно контактирал и со Македонецот Дарко Тодоровски

-

Блумберг објавува најнови сознанија, добиени со увид во документи, од кои се гледа дека рускиот разузнавач Артем Курејев водел кампања за руско влијание во Европа, а попатно контактирал и со Македонецот Дарко Тодоровски кому се согласил да му плати 300 евра за текстови во две публикации. Во нивната кореспонденција имало и инструкции за дистрибуирање на текстови на руски јазик и англиски преводи на прокси веб-страници како londonnewstime.com и veteranstoday.com. Имало и потврдени податоци за хотелски резервации, кои ги направил Курејев за две од патувањата на Тодоровски во Русија во април минатата година, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

Рускиот разузнавач Артем Курејев водел кампања за руско влијание во Европа, а патиштата му се вкрстиле со Македонецот Дарко Тодоровскиобјави Блумберг. Новинарите виделе руски документ што потврдува дека Курејев се согласил да му плати 300 евра на Тодоровски за текстови во две публикации.

Не е познато дали и кога се извршени плаќањата. Овие наводи за наводно финансирање од руски инсталации за Тодоровски, прв ги пласираше бугарскиот новинар Христо Грозев пред година и половина, но Тодоровски и тогаш и сега ги негира.

Како што веќе пишуваше „Вистиномер“, тој и покрај тоа што не е афирмиран новинар од земјава, туку докторанд на Претседателската академија во Москва – сепак успеал дури трипати да биде поканет од Русија на  „прес тури“ во Украина, од каде потоа неговите согледувања и репортажи завршувале во македонски и во бугарски медиуми.

Преку неговите извештаи од разни конференции со антизападни наративи, суптилно биле пренесувани ставови кои одат во прилог на Кремљ, под превезот на новинарството и политикологијата. Најновите сознанија на „Блумберг“ фрлаат нова светлина за патиштата што Тодоровски го однеле до познанство со руски разузнавач и отвораат дилеми за тоа какви биле овие врски.

Меѓу документите што им станале достапни на новинарите на Блумберг, била кореспонденција меѓу Тодоровски и човек кој од повеќе извори е оквалификуван како агент на руската  служба за безбедност. Станува збор за Артем Курејев со кого Тодоровски имал кореспонденција најмалку од 2021 до 2023 година. Таа вклучувала инструкции за дистрибуирање текстови на руски јазик и англиски преводи на прокси веб-страници, како londonnewstime.com и veteranstoday.com.

Некои од размените ги отсликуваат техниките на типична проруска пропагандна кампања, која често вклучува фабрикувани вести на гранични сајтови, кои потоа растат и се шират преку социјалните мрежи, или пак, се преземени од државни медиумски куќи, пишува Блумберг.

Во документите имало и хотелски резервации, кои ги направил Курејев за две од патувањата на Тодоровски во Русија во април минатата година.Тодоровски тврдел дека во тоа време имал покани за телевизиски гостувања, како и за конференција и работен состанок на универзитетот, а за хотелските резервации истакнал дека „учествува на многу конференции и форуми и не може да знае кој плаќа за сите хотели”.

Тодоровски вели дека во Русија го запознал Курејев и го опишал како некој што соработува со многу новинари од различни држави, вклучително и од Западот.

За дел од посетите на Тодоровски во окупираните делови на Украина „Вистиномер“ веќе пишуваше.

Во еден од текстовите што после една ваква посета тој ги објавил на бугарскиот сајт Поглед (на 8 мај 2022 година, откако руската војска го презема Мариупол), Тодоровски во репортажа од бомбардираниот и разрушен Мариупол насловена „Како се живее во градот и што навистина се случува во Мариупол“ ќе напише:

Некои граѓани (во Мариупол н.з.) велат дека се Руси и дека зборуваат руски јазик и дека се радуваат што руската и доњецката армија се во Мариупол. Голем број мариуполци се борат во редовите на доњецката армија. Но некои граѓани велат, дека очекувале од Русија да го направи уште во 2014 година она што го направи денес и дека тогаш градот ќе паднел без борба, за разлика од сега кога е практично уништен. И многумина не разбираат зошто градот е разрушен. За сè што се случува ги обвинуваат Украина, Русија и НАТО.

 

Кој е Артем Курејев и што работел со Тодоровски?

Артем Курејев во текстот на Блумберг е портретиран како руски разузнавач кој води кампања за дезинформации на Кремљ во Африка. Тој со години помагал да се воспостават операции за влијание во Европа, според документи што ги видела редакцијата на Блумберг, како и според владини функционери запознаени со оваа област.

Курејев во судски предмет во Естонија во 2022 година е претставен како агент на руската  служба за безбедност. Тој имал чести контакти барем со шестмина новинари од Европа, организирал и плаќал трошоци за патувања за некои од нив да ги посетат окупираните територии во Украина и во неколку наврати изгледа дека нудел да плати за подметнување вести во медиумите, покажува документот.

Во други ситуации се служел со посуптилни методи и тоа организирање интервјуа, дебатирање на теми во медиумите или организирање настани.

Стејт Департментот во февруари ги прозва разузнавачките служби на Русија поради обезбедување материјална поддршка и обука за нова агенција за информации, наречена „Африканска иницијатива”. Во соопштението се вели дека проектот шири „смртоносни дезинформации” за САД и Европа, вклучително за широко распространета болест предизвикана од убоди од комарци, се со цел да се поткопаат јавните здравствени програми.

Во соопштението за Африканска иницијатива, Курејев е именуван како главен уредник на иницијативата.

Функционер од Европа за Блумберг вели дека Курејев и Тодоровски биле вклучени во работата на сајтот antibelingcat, посветен на тоа да се дискредитира работата на истражувачкиот медиум Белингкет. Тодоровски, пак, уверува дека го напуштил овој проект пред една година и дека мисли оти веќе тој проект не е активен. Токму во Белингкет работеше истражувачкиот новинар Христо Грозев, кога го обвини Тодоровски дека примал руски пари за да објавува текстови на прокси сајтови во ЕУ.

Минатата година го именував „вештачкиот“ новинар Дарко Тодоровски како еден од прокси ентитетите што ги користат руските разузнавачки служби за да им платат на медиумите во ЕУ, вклучително и во Бугарија, да пренесуваат проруски, провоени приказни. Цената што ја наплаќаше за бугарските медиуми беше 300 евра по напис. Денеска нова приказна од Блумберг во која се цитираат мејлови од руските разузнавачи во кои се гледа дека Тодоровски добива плата, буквално 300 евра од рускиот управувач на ФСБ, Артем Курејев за секоја ставена статија. Каква случајност, напиша на Твитер Грозев на 11 јуни годинава, веднаш по објавувањето на новиот текст на Блумберг.

За тврдењата на Грозев за наводни исплаќања пари за објавување проруски текстови, Тодоровски смета дека се небазирани на докази.

Тврдења без докази дека сум примил пари и инструкции се несериозни, изјавил тој за Блумберг.

Европскиот политичар кој побарал да биде анонимен, вели дека Курејев имал контакти со руското ГРУ воено разузнавање за некои аспекти на неговото делување во Европа.

 

Резервирал летови за новинари да го посетат окупираниот Крим

Посебен документ покажува дека Курејев резервирал и платил летови за група новинари да го посетат Крим во 2023, долго по започнувањето на руската целосна воена инвазија на Украина. Русија го присвои Крим во 2014 година, предизвикувајќи интернационални санкции како одговор. Курејев бил во контакт со други новинари пред почетокот на инвазијата во 2022 година, но и години претходно. Документите покажуваат дека тој и друг агент посебно се сретнале со барем уште еден новинар од земја членка на ЕУ (средбите биле во Русија и Турција). Барем во два наврата, во август 2019 и во март 2022 година), руските контакти (агенти) ги покривале трошоците за патувањата на новинарите.

Иако многу од овие разговори се поврзани со покривање на вести, како договарање интервјуа или организирање патувања во областите во Украина кои се окупирани од Русија, документите не докажуваат дека самата работа на новинарите е финансирана од Москва, пишува Блумберг.

Курејев, исто така, во текст на истражувачкиот сајт Инсајдер во јануари беше именуван како контакт на Татјана Зданока од Европскиот парламент, која пак, беше обвинета дека соработувала со руското разузнавање. Зданока ги негираше овие обвинувања на Фејсбук. Нејзиниот кабинет во мејл тврди дека Зданока го видела Курејев еднаш во Брисел на настан на Европскиот парламент, но надвор од тоа таа не знаела ништо друго за него. Кремљ, исто така негира дека Русија е вклучена во дезинформациски кампањи ширум Европа. Портпаролот на Путин, Дмитри Песков во јануари ги отфрли обвинувањата за шпионажа кон Зданока како „лов на вештерки”.

За Европската Унија борбата против руските дезинформации и операции за влијание се врвен приоритет во пресрет на лидерскиот самит во Италија (13-15 јуни).

Тие напори вклучуваат јавно обелоденување на руската кампања и методи, санкционирање ентитети и индивидуи и координиран одговор на дејствата на Москва, како и стремење кон тоа да се превенира ширење на дезинформации на поголемите платформи.

Сепак, борбата против овие дезинформациски кампањи не е лесна, бидејќи тие се насочени кон создавање конфузија и сомнеж кај таргетираната публика, а не кон убедување на луѓето за одреден сет на факти. Целта е да се поларизира општеството за прашања како миграцијата, војната или односот на Западот со останатиот дел од светот.

Пишува: Мирослава Симоновска

 

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Отворена оперативна акција „Пожар 2024“: Целосна мобилизација на МВР во спречување и справување со пожарите

Во Mинистерството за внатрешни работи се одржа координативен состанок на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев и началниците на секторите за...