Од денеска до недела, 10 ноември, Младинскиот сојуз во Крушево ќе биде домаќин на Меѓународната конференција „Екосистем на социјално претприемништво: како до општествена поддршка на социјалната економија?“.
Примарната цел на овој настан, според организаторите, е поврзување и вмрежување на чинители важни за социјалното претприемништво од регионите Западен Балкан и Вишеград, за зајакнување на мрежата на социјални претпријатија во овие региони и поттикнување на иновативни решенија за одржлив развој.
Конференцијата ќе вклучи 68 претставници на мрежи, граѓански организации и социјални претприемачи од 10 земји – Северна Македонија, Србија, Бугарија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Словачка, Чешка, Унгарија и Полска, кои преку низа на интерактивни сесии и активности ќе разменуваат искуства, експертиза, знаења и идеи за градење на посилен екосистем на социјално претприемништво.
„Дали средината овозможува поддршка за социјално претприемништво? Какво значење имаат пристапот до финансии и човечкиот капитал при основањето на социјални претпријатија? И колку е важна соработката помеѓу државните институции, граѓанскиот сектор и заедницата на претприемачи, за развој на социјалната економија во државата и регионот? – се само дел од прашањата кои ќе бидат одговорени за време на овој тридневен настан“, велат од Младинскиот сојуз Крушево.