fbpx

Како дефокусираат и како ги „убиваат вестите“: Ти мене на прес, јас тебе во ударен термин

-

Како што се приближува датумот на изборите, така се разгорува битката за медиумска присутност, а почна и крадењето термини и покривањето на прес-конференции со прес-конференции.

Еве само три примери:

3 ноември 2016 г.

  1. Оливер Спасовски најавува прес-конференција за сообраќајката на Диме Спасов;
  2. Диме Спасов дава ТВ-интервју токму пред прес-конференцијата на Спасовски во „ниедно“ време, во 14 часот, а една телевизија „добива“ снимка од настанот;
  3. Сашо Мијалков е на распит во Кривичен суд.

20 октомври 2016 г.

  1. Катица Јанева гостува во „Топ-тема“ на „Телма“ од 19.15 часот;
  2. Додека таа зборува, еден од истражителите ѝ го приведуваат, а другиот го отстрануваат од УБК;
  3. Оливер Спасовски е на интервју во „360 степени“ на телевизијата „Алсат-М“, а околу полноќ одржа прес-конференција.

21 октомври 2016 г.

  1. СЈО најавува прес-конференција, како што подоцна се виде за „Тендери“ и за „Топлик“;
  2. Оливер Андонов закажува прес-конференција во исто време со најавената прес-конференција на СЈО за „Трезор“;
  3. СЈО ја презакажува прес-конференцијата, но и Андонов ја презакажува својата.

Прашањето дали се работи за медиумско совпаѓање или станува збор за спин-стратегија за крадење на веста, се наметна по интервјуто на дополнителниот министер за труд и социјална политика, Диме Спасов, за телевизијата „Нова“. Имено, дента кога поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, беше повикан на распит во суд за случајот „Трезор“, Спасов ексклузивно се појави на телевизија, која ги поддржува владините политики, објаснувајќи дека некој од криминално-полициско подземје му мести приказна. Симптоматично е и тоа што само еден час по интервјуто од 14 часот, прес-конференција, токму за неговиот случај, одржа и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски (15 часот), кој има друга приказна за случајот со „таличниот“ министер Спасов.

Сепак, откако се утврди датумот за избори на 11 декември, овој начин на комуникација на партиите со медиумите за ексклузивитет пред другите сè повеќе се засили.

Слична беше намерата и со контраинтервјуто што заменскиот министер за внатрешни работи, Оливер Андонов, сакаше да му го приреди на Специјалното јавно обвинителство. На 20 октомври, во 11 часот, кога беше закажана прес-конференцијата на специјалната обвинителка Катица Јанева за нова истрага на СЈО, обраќање до јавноста закажа и Андонов.

За разлика од Андонов кој прес-конференцијата ја закажа доцна вечерта преку својот фејсбук-профил, само неколку часа пред да се одржи, датумот за конференцијата за печат на СЈО беше познат два дена порано.

Подоцна Јанева ја презакажа прес-конференцијата за 12 часот, а новинарски екипи што во МВР го чекаа Андонов во 11 часот, беа известени дека дополнителниот заменик-министер ќе оди на службен пат во Тетово и дека таму ќе дава изјава во 12 часот. Сепак, тој изјава даде во 15 часот.

Истиот ден имаше уште еден настан што предизвика големо внимание, а тоа беше прес-конференцијата на министерката за култура, Елизабета Канчевска-Милевска, која таа ја одржа во 14.30 часот. Таа се најде „повикана“ по прес-конференцијата во СЈО од каде произлезе новата истрага во која таа беше една од осомничените.

Следниот ден, на 21 октомври, додека Јанева гостуваше на „Топ-тема“ на телевизија „Телма“, најави дека веднаш ќе се врати во просториите на Управата за безбедност и контраразузнавање (каде што нејзиниот тим чекаше документи) бидејќи истражител на СЈО бил отстранет од просторијата во УБК.

Јанева појасни дека и покрај тоа што обвинителите ја напуштиле УБК, сепак таму имало истражители кои останале за да следат кој и што работи додека не дојде експертот што може да влезе во компјутерскиот систем и да ги извлече податоците од 2008 до 2015 година, кои би се користеле во истрагата околу тоа кој и зошто прислушувал.

Истата вечер прес-конференција, но на телевизија „Алсат-М“ имаше и Оливер Спасовски. По гостувањето во телевизијата, пред полноќ, министерот одржа и прес-конференција.

За аналитичарот и познавачот на стратегии за односи со јавноста, Петар Арсовски, во светот позната е стратегијата наречена „да ги закопате вестите“.

– Познато е дека постои стратегија кога има некоја важна вест, таа да се сака да се „закопа“ со десетина други вести. Мислам дека во случајот на Диме Спасов не се работи за оваа стратегија, туку само сака да си ја закопа сопствената приказна. Тоа не значи дека нема таква стратегија за други случаи и дека не се работи на тоа – вели Арсовски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украинската одбрана соборила 84 руски воздушни цели

Ноќеска Русија изврши уште еден масовен воздушен напад врз украински објекти за гориво и енергија, соопшти украинската одбрана. Непријателот ја нападнал Украина со 60 беспилотни летала Шахед и 39 проектили...