Како да поднесете приговор на резултатите од конкурсот за сместување во студентските домови

Студентски дом Гоце Делчев
Студентски дом „Гоце Делчев“, Скопје / фото: Мета.мк, архивска фотографија од 06.09.2021 г.

Министерството за образование и наука денеска ги објави резултатите од конкурсот за сместување во државните студентски домови за студентите од втора и повисоките години на студии.

Студентите кои се наоѓаат на објавените листи можат да се вселат во студентските домови по потпишување на договор со домот во кој се примени, најдоцна десет дена од денот на објавата на резултатите.

Студентите кои не се задоволни од резултатите, приговори во однос на истите доставуваат на електронската адреса [email protected] во рок од пет дена од денот на објавата на резултатите, односно до понеделник, 12 септември.

Во предмет (subject) на пораката треба да стои „Приговор на резултати од Конкурс за прием на студенти во државните студентски домови“.

Во телото на пораката студентот кој приговара треба да ја напише причината за приговорот. Документот треба да се зачува во ПДФ формат и да се испрати до горенаведената адреса.

Новинската агенција Мета.мк објавува модел за поднесување приговор на резултатите од конкурсот за сместување во студентските домови:

Предмет: Приговор на резултати од Конкурс за прием на студенти запишани на додипломски студии во државните и приватните студентски домови во Република Северна Македонија за студиската 2022/2023 година

Почитувани,

Јас, (име и презиме) со ЕМБГ (број на ЕМБГ) со место на живеење (адреса, општина, град/населено место), студент/ка запишан/а на додипломски студии на (назив на факултет), го поднесувам овој приговор на резултатите од Конкурсот за прием на студенти запишани на додипломски студии во државните и приватните студентски домови во Република Северна Македонија за студиската 2022/2023 година.

Бројот на мојата електронска апликација е (број на апликацијата) и приговарам поради тоа што уредно и навремено аплицирав за сместување во државниот студентски дом (назив на студентски дом за кој имате аплицирано), меѓутоа (наведете ја причината за приговорот – бев одбиен поради… / ме немаше на списоците со резултатите).

Барам овој приговор да биде усвоен и да добијам легло во студентскиот дом за кој имам аплицирано.

Ви благодарам, (име и презиме, број за контакт)