Како да поднесете приговор на решението за одбиена студентска стипендија?

фото: Мета.мк

Министерството за образование и наука (МОН) во јануари ги објави резултатите од конкурсот за студентски стипендии за академската 2022/2023 година, при што за годинава беа предвидени околу 3.000 стипендии.

Одбиените кандидати кои аплицирале за студентска стипендија требаше да почекаат на домашна адреса да добијат писмено решение дека се одбиени, а потоа со истиот документ можат да поднесат жалба, информираа за Мета.мк од МОН кога излегоа резултатите за добитниците на државна студентска стипендија.

Студентите од минатата недела на своите домашни адреси почнаа да ги добиваат решенијата, каде што се наведени и причините поради кои нивните апликации не се прифатени.

„Во рок од петнаесет дена од денот на приемот на решението може да се поднесе жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен“, пишува во решенијата што ги добиле студентите.

Мета.мк ги објаснува начинот и постапката како одбиените кандидати за студентска стипендија да се пожалат на добиените решенија:

Студентите кои не се задоволни од образложенијата во решенијата, треба да достават жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

Жалбите треба да бидат испратени до Државната комисија на адресата кеј Димитар Влахов бр. 4. Жалбите можат да бидат испратени преку пошта или да се достават директно до шалтерите во просториите на Државната комисија за одлучување во управна постапка, најдоцна петнаесет дена по приемот на решението.

Жалбите може да бидат испратени и до Министерството за образование и наука (МОН) – преку пошта или да бидат доставени директно во просториите на МОН, кое се наоѓа на адресата ул. „Св. Кирил и Методиј“ број 54, 1000 Скопје.

Доколку жалбата се испраќа до МОН, студентот задолжително треба да назначи дека станува збор за жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Министерството за образование по службена должност треба да ја препрати жалбата до Државната комисија.

Сепак, препорака е жалбите да бидат доставени директно до Државната комисија.

Жалбата може да биде испечатена или пак напишана рачно и потпишана од страна на студентот што се жали, односно приговара.

Во жалбата студентот треба да ја наведе причината поради која приговара, односно се жали.

 

Како се пишува Приговорот:

 

ПРИГОВОР од: (име и презиме на студентот), со ЕМБГ (број на ЕМБГ) и место на живеење (адреса, општина, град/населено место), студент/ка запишан/а на додипломски студии на (назив на високообразовната установа)
Предмет: Приговор на резултати од Конкурс за доделување стипендии на редовни студенти запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во Република Северна Македонија за студиската 2022/2023 година, според Вашето решение не се стекнав со правото на користење стипендија.
Приговарам на Решението со број (број на Решението) на Министерството за образование и наука од (датум на решението) кое на мојата домашна адреса пристигна на (датум кога решението пристигнало на домашната адреса на студентот).
Иако ги исполнувам сите услови кои се бараат во конкурсот за доделување стипендии, според Вашето Решение и образложението во него, не се стекнав со правото на користење стипендија.
Во Решението е наведено дека (се наведува причината поради која апликацијата на студентот се одбива). Меѓутоа, јас го исполнувам и тој услов, односно (се наведува причина поради која студентот смета дека го исполнува условот).
Оттука, го изразувам своето незадоволство и приговарам на Вашето Решение.
Барам овој приговор да биде разгледан и се надевам дека Вашата одлука ќе биде изменета.

 

Најдолу се наведува датум на поднесување на приговорот и потпис на подносителот на приговорот (име и презиме и своерачен потпис).

 

Бројот на Решението како и датумот на негова изработка може да се најдат во документите што студентите ги добиле на домашна адреса (најгоре лево на документот).

Пример од напишан Приговор може да се најде во овој документ:

ПРИГОВОР на резултати од Конкурсот за студентски стипендии