fbpx

Како Ана Кочева и Цона С’бчева се извалкаа фрлајќи кал по македонскиот јазик, по МАНУ и по Фридман

-

Во емисијата „Това е България“ (Тоа е Бугарија) на бугарската радиомрежа „Фокус“, Ана Кочева – Лефеџиева, доцент по бугарска дијалектологија и лингвистичка географија од Институтот за бугарски јазик (ИБЈ) при Бугарската академија на науките (БАН) и водителката Цона С’бчева речиси со подеднаков жар, прегазувајќи секаква почит кон вистината, со цврст агитпроповски наратив се нафрлија и против македонскиот јазик и против лингвистот од светски ранг Виктор Фридман.

Впечаток е дека и двете намерно (посебно водителката без премислување ги погазува професионалните стандарди) фрлаат кал по други, но поради немошност, успеале само да се извалкаат самите.

Водителката не покажува професионалност

Во случајот на водителката, со изреченото, односно нејзините шовинистички констатации во прашањата, таа паушално и неточно толкува и некои работи што се свежи и многу лесно проверливи. Така, по сосема неточното тврдење на Кочева дека Повелбата за македонскиот јазик на Собранието на МАНУ содржи и нешто како „т.е. нивниот јазик истовремено е најстариот, според нив индоевропски…“, водителката се уфрла со „Да, тие тргнуваат некаде од Клеопатра…“.

Можеби некој некогаш и спомнал нешто за Клеопатра во контекст на македонскиот јазик, но тврдењето на водителката  „тие“ некако ги подразбира „сите“ во земјава, а ниту МАНУ во својата повелба доаѓа до таква небулоза, ниту пак, според познатото, некој признат лингвист од земјава излегол со такво тврдење. За актуелната власт пак тоа најмалку може да се однесува. Со други зборови, водителката кажува невистина.

Кочева – Лефеџиева продолжува со нуркање длабоко во историјата

Но, вистинскиот проблем се всушност ставовите на доцент Ана Кочева – Лефеџиева која вели “другото што го откриваме во таа повелба на МАНУ е поврзано со долга историја на т.н. македонски јазик, којшто тие го изведуваат од индоевропејскиот. Т.е. јазикот им е истовремено најстариот според нив индоевропски…“

Но Повелбата на МАНУ вели нешто друго, а не она што го кажува бугарската лингвистка – имено, дека македонскиот јазик потекнува од индоевропското јазично семејство, што и Кочева не може да го негира – бугарскиот јазик е во идентична ситуација.

„Генеалошки, македонскиот јазик потекнува од индоевропското јазично семејство и ѝ припаѓа на групата на словенски јазици, во подгрупата јужнословенски јазици, а – од ареална гледна точка која подразбира жив јазичен комуникациски контакт – се вбројува и меѓу балканските јазици кои го сочинуваат т.н. „Балкански јазичен сојуз“.

Значи, нема тврдење од МАНУ дека македонскиот јазик е најстариот индоевропски.

Лингвистката „го поучува“ постариот и поетаблиран колега Фридман

Начинот на кој Кочева зборува за светски признатиот лингвист Виктор Фридман, професор од Универзитетот на Чикаго, човек со обемно творештво и признат светски авторитет, кој покрај тоа што е член на МАНУ, Матица Српска, на Академијата на науки на Албанија и Академијата на науки и уметности на Косово, е и добитник на златниот орден „1300 години Бугарија“ – е под секое ниво!.

Прашана за ставот на Фридман искажан за „360 Степени“ дека реакцијата од БАН се должи за јазичен империјализам, Кочева прво потенцира дека Фридман е „од одамна сврзан со каузата која се обидуваат да ја заштитат во Македонија, сега во Република Северна Македонија“, а потоа почнува да се заплеткува во невиден јазол.

Прво, таа вели дека „Најмалку би требало да се очекува од Фридман, кој по потекло е од Молдавија да има таков став. Зашто молдавската ситуација е еднаква на македонската и тој прекрасно знае на каков начин во Молдавија е составен молдавскиот јазик, од кој потоа и самите Молдавци се откажаа и сега веќе прифаќаат дека тоа е романски“.

Иако Ковачева се обидува да докаже многу, тоа завршува со недокажување!

Второ, Кочева, внесувајќи се целосно во обидот да нè убеди дека толкувањето на најголемиот дел бугарски лингвисти за македонскиот јазик е аксиома, односно универзално прифатена чиста вистина, го обвинува светски признатиот лингвист и професор дека „користи терминологија на Коминтерната“ кога зборува за јазичниот империјализам на Бугарија.

„Точно како што, впрочем, е создаден македонскиот јазик. Зашто т.н. македонски јазик, или писмена регионална норма на бугарскиот јазик, е во Македонија од 1944 година и таа всушност се создава со поранешно решение токму на Коминтерната. Така што ако се зборува за јазичниот империјализам, Фридман едноставно ги помешал адресите“, вели Кочева.

Во овој исказ Кочева ем со никаков аргумент се обидува да го оспори Фридман, ем го повторува „јазичниот империјализам“ на БАН, велејќи дека македонскиот јазик е само писмена регионална норма на бугарскиот јазик.

Што вели историјата кога ќе ѝ се симнат „бугарските очила“?

Но македонскиот јазик, е кодифициран по слободна волја на македонскиот народ изразена преку одлуките на АСНОМ, односно со Решението на Првото заседание на АСНОМ (2 август 1944) за воведување на македонскиот како службен јазик во македонската држава; со Решението на Президиумот на АСНОМ од мај 5 мај 1945 година за македонската азбука; со официјалното усвојување на македонскиот правопис – 7 јуни 1945.

Да споменеме уште еден факт  претходно посочен од еден колумнист – македонската азбука е постара од актуелната бугарска, којашто последната кодификација ја доживува на 27 февруари 1945. Тоа е азбуката на која што пишува и Кочева.

Но побитно од сè кажано погоре е еден факт што Кочева не може да го оспори, а тоа е дека македонскиот јазик и неговите дијалекти се впишани и се обработуваат во двата референтни меѓународни лингвистички атласи – Општословенскиот лингвистички атлас (ОЛА), проект на Меѓународниот комитет на славистите, и Европскиот лингвистички атлас (Atlas Linguarum Europae – ALE), проект кој е под покровителство на УНЕСКО.

Со други зборови, колегите на Кочева одамна ги негирале нејзините тврдења, односно македонскиот јазик постои и е признат. И тоа не само нејзини колеги од 21. или 20. век, туку и некои од 19.

Така, кога станува збор за дијалектите во ареалот што ги зафаќа териториите на сегашни Бугарија и Северна Македонија, но и делови од териториите на земјите соседни на нив, многу убаво зборува австроунгарскиот научник со словенечко потекло Ватрослав Облак (дополнително тука), кој на крајот на 19. век го објавува своето дело „Македонски студии“ во кое зборува за македонски дијалекти. Да потсетиме, тој доаѓа од тогашна Австроунгарија, и не е научник од Србија, земјата што од бугарските историчари е обвинувана дека „кумувала“ на „сепаратизмот и иредентизмот преку кои некои Бугари се одродиле и станале Македонци“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК нема да може сама да се справи со евентуални кибер напади и дезинформации

Кибер напади, дезинформации, логистички пречки - овие ризици се закана за кредибилитетот на изборните процеси, истакна денеска првиот човек на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски. На денешната панел...