fbpx

Како Јанева ја дозакопа довербата во институциите во Северна Македонија

-

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, од хероина, чија силуета на летните маички ја носеа и младо и старо во налетот за уривање на владата на Груевски, заврши разочарувачки неславно во притвор за злоупотреба на службената должност. Личноста која требаше да биде ( а едно време и беше) лицето на борбата против длабоко корумпираната и криминализирана стара власт, заврши таму каде што требаше да бидат нејзините „пациенти“. 

По иронија на судбината, Јанева, на која во описот на работното место и пишува дека е „за гонење на кривични дела поврзани со незаконското следење на комуникациите“ е фатена барем на една аудио снимка со контроверзниот Бојан Јовановски – Боки 13, светкава естрадна ѕвезда и сопственик во сенка на новата полетна ТВ станица и со исто така контроверзниот бизнисмен, Орце Камчев, осомничен во случаи кои Јанева ги води – како договора олеснување на постапката и притворот. 

Јанева за четириесетина дена од објавувањето на снимките во италијанскиот весник „Ла Верита“ ги остави сите граѓани со подотворени усти и во недоумица да се прашуваат? 

Ова ли беше личноста која требаше државата да ја претвори од „заробена“ во слободна? Како е можно да разговарала, а камо ли преговарала со осомничени во крајно „лабава“ атмосфера непригодна за еден „специјален обвинител“? Вистина ли е договарана милионска сума поткуп за укинување на притворот и ублажување на казната на осомничени лица во случаите на обвинителството на кое таа беше на чело? Како е можно тоа никој да не го забележи сѐ додека самиот осомничен не ја пријавил за „рекет“. 

Но, она што е поважно од целата афера е како таа ќе се одрази по две линии. Прво, на рејтингот на владата на премиерот Зоран Заев кој успеа досега да се извлече и надмина многу посложени ситуации, како што беше потпишувањето и ратификацијата на Преспанскиот договор, референдумот за името, претседателските избори и т.н.? Несомнено дека Јанева беше ударното копје на Заев во борбата со криминалот и корупцијата во стариот режим на сега избеганиот бивш премиер Никола Груевски и дека нејзиниот пад Заев ќе го плати скапо. 

Втората линија и за граѓаните поважна последица е како на аферата ќе се гледа во Брисел. 

Северна Македонија преживеа едно одлагање на датумот за отворање преговори со ЕУ во јуни (токму поради несредениот правосуден систем) и сега сите очекуваат дека датумот би се добил некаде на есен. Дали аферата и притворањето на специјалната обвинителка ќе го одложи тоа и земјата повторно по кој знае кој пат ќе ја стави во чекалницата? 

Трпението на граѓаните е сѐ потенко. Опозицијата ликува и бара одговорност, оставки и предвремени избори, а Заев со неговата изјава дека нема да дозволи „еден криминалец, еден суетен новинар и еден педер“ да му ја срушат владата – воопшто не си помогна, туку ги иритираше и најголемите поддржувачи. 

Засега, се чини дека реакцијата на Обвинителството ветува дека нешто ќе се помести од мртвата точка и летото со жешки афери и скандали ќе го претвори во есен на расчистување со криминалот и корупцијата на високо ниво. 

Но, тоа ветување, за жал сме го слушале пречесто за сега да му веруваме стопостотно. 

Во меѓувреме, јавноста се забавува со фолклорот за тоа каков накит, мебел (озвучен?), облека имала или добила на подарок Јанева, со кого е во ќелијата, какво и е здравјето и слично. 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бујар Османи не ги прекинува предизборните активности

Од објавените наслови се добива впечаток дека Османи се откажува од претседателската трка, а вистината е дека поради здравствени семејни причини ги откажа предизборните активности на 16 април. Но,...