По претставката поднесена на 14 март против телевизијата „Алфа“ за емисијата на Миленко Неделковски од 27 јануари годинава, мнозинството на Комисијата за заштита од дискриминација пред неколку дена донесе мислење дека емисијата на Неделковски бил надворешен проект, па телевизијата не може да одговара за тоа што се емитува како надворешен проект. Но со тоа не се согласуваат двајца членови на комисијата, кои доставија до медиумите свое издвоено мислење.

Подносителот на претставката до Комисијата навел дека во емисијата имало дискриминација врз основа на етничка припадност.

Од мислењето од пред неколку дена, мнозинството од Комисијата реши да не поведува постапка за дискриминација против „Алфа“ поради тоа што, наводно, претставката била за „погрешно лице”, односно емисијата на Миленко Неделковски, во која гостин била Мирка Велиновска, била надворешен проект, па телевизијата не треба да биде одговорна за него.

Исто така, мнозинството од Комисијата за заштита од дискриминација смета дека треба да се даде важност на слободата на изразување како вредност на секое демократско општество.

Но со ова не се согласуваат членовите на комисијата проф. д-р Беким Кадриу и д-р Ирфан Дехари, кои велат дека Антидискриминациска требало да постапува и по допрен глас и да почне постапка против Миленко Неделковски.

„Мнозинството од Комисијата за заштита од дискриминација греши кога не поведува постапка заради тоа што претставката се однесува на ,погрешно лице’ односно на Алфа Телевизија. Прво, Комисијата мора да постапува по претставката и по допрен глас, без разлика на кого се однесува претставката. Не може Комисијата да се скрие и да не поведе постапка поради наводни процедурални пречки само за да штити определено лице кое прави дискриминација. Спротивно, Комисијата треба да реагира секогаш кога според содржината препознава дискриминација“, стои во издвоеното мислење на Кадриу и Дехари.

Тие исто така сметаат дека и телевизијата морала да реагира соодветно, без разлика што станува збор за надворешен проект.

„Ако мериторно се навлезе во содржината на емисијата, јасно се гледа поттикнувањето на дискриминацијата и вознемирувањето кое се прави од страна на авторот и соговорникот во емисијата. Именувањето на припадниците на определена заедница со погрдни зборови како „скитач, чергар, бездомник”, тезите дека истите „не можат да се спитомат”, дека се „племе кое не може да изгради ни соработка ни соживот”, најмалку предизвикуваат вознемирување (член 7 од Законот за спречување и заштита од дискриминација), преку повреда на достоинството и создавање навредлива, непријателска и понижувачка средина кон припадниците на таа заедница. Ваквата содржина  потикнува дискриминација, забранета со член 9 од Законот за спречување и заштита од дискриминација)“, се посочува во издвоеното мислење.