Нетранспарентната сопственичка структура на компаниите може да отвори простор за корупција, особено кога станува збор за фирми кои добиваат јавни пари преку тендери, концесии или јавно-приватни партнерства. Токму затоа, една од мерките во борбата против корупцијата е поголемата јавна достапност на информациите за тоа кој навистина ги поседува и контролира компаниите што склучуваат договори со државата.
Оваа заложба е дел од Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2024 -2026, во рамки на мерките насочени кон поголема транспарентност и борба против корупцијата. Мета анализира кои од заложбите во рамки на борбата против корупцијата, се исполнети, а кои не, како и кои од нив ќе се најдат и во Акцискиот план 2026-2028.
Северна Македонија од 2019 година има Регистар на вистински сопственици преку кој се евидентираат лицата кои се крајни сопственици или контролори на компаниите. Регистарот на вистински сопственици се пушта во употреба дури на 27 јануари 2021 година, а податоците од него се достапни од 27 април 2021 година наваму. Сепак, податоците од регистарот не се целосно отворени за јавноста, туку се достапни преку официјална процедура и со плаќање надомест. Затоа, целта на заложбата е овие информации да бидат полесно достапни и да можат да се поврзат со податоците за јавните набавки и другите договори со државата. Иако на официјалната страница за следење на Националниот акциски план заложбата е означена како „завршена“, во самото нејзино образложение се посочува дека предвиденото решение го адресира проблемот само делумно. Како отворени прашања се наведуваат јавната недостапност на податоците за регистрираните сопственици на фирмите, како и фактот што податоците не се достапни во форма на отворени податоци, што го отежнува нивното користење и поврзување со други бази.
Но, истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, покажува дека од 17 институции кои надлежни во борбата против корупцијата, само две го користат овој Регистар, односно Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО). Институции како Управата за финансиска полиција, Управата за јавни приходи, Државната комисија за спречување на корупцијата и единиците за економски криминал и партиско финансирање, не ги користат податоците од овој регистар односно наводно немале потреба да ги користат или не воделе евиденција за неговото користење.
Државата да ги објавува договорите за концесии и јавно-приватни партнерства
Договорите со кои државата им дава право на приватни компании да користат природни ресурси или склучува долгорочни партнерства со приватниот сектор, треба да бидат јавно достапни. Ова е втората заложба, која според официјaлниот портал за Партнерство за отворена власт има статус „значително“.
Целта е да се зголеми транспарентноста на договорите што државните институции ги склучуваат со приватниот сектор. Покрај јавните набавки, концесиите и јавно-приватните партнерства се меѓу најзначајните начини преку кои државата склучува договори со приватни компании.
Иако договорите за јавни набавки веќе се јавно достапни, истото не важи во целост и за договорите за концесии и јавно-приватни партнерства. Заложбата предвидува оваа разлика да се надмине и граѓаните да имаат увид и во овие договори – од тоа со кого се склучени до условите под кои се склучени.
Во случајот со концесиите, заложбата се однесува на договорите за експлоатација на минерални суровини и договорите за детални геолошки истражувања. Сите договори за концесии и јавно-приватни партнерства треба да бидат јавно објавени на веб-страницата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Кога станува збор за јавно-приватните партнерства, заложбата предвидува договорите да се објавуваат во Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН), каде што веќе се објавуваат огласите за воспоставување на јавно-приватни партнерства. По примерот на јавните набавки, склучените договори треба да бидат достапни во делот „документи“, одделно за секое јавно-приватно партнерство. Сепак, според извештајот за реализација на заложбата, за ова е потребна надградба на ЕСЈН, а постојното законодавство не предвидува обврска јавниот партнер да го достави склучениот договор до надлежното Министерство.
Заложбата ги опфаќа министерствата, општините, како и јавните и државните претпријатија основани од нив.
План за поголема транспарентност на владините седници и на средбите
Граѓаните да имаат увид во тоа со кого се среќаваат премиерот и министрите, за што разговараат и кои теми се разгледуваат на владините седници – тоа е целта на една од заложбите предвидени во Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт, во рамките на мерките за борба против корупцијата. Заложбата има статус „ограничено“.
Идејата е работата на Владата да биде потранспарентна, особено кога станува збор за носењето одлуки и средбите на највисоките владини претставници. Поголемата јавност на овие информации треба да го намали ризикот од корупција и да овозможи граѓаните полесно да следат кој има пристап до носителите на извршната власт и за кои прашања разговараат.
Една од предвидените мерки е задолжително објавување календар на средбите на премиерот и министрите. Во календарот треба да има информации со кого е закажана или одржана средбата, кога се одржува и која е нејзината тема. Календарот треба да биде достапен и ажуриран најмалку седум дена однапред.
Сличен принцип е предвиден и за владините седници. Дневниот ред треба да биде објавуван најмалку седум работни дена пред одржувањето на седницата, со што јавноста однапред би знаела кои теми ќе ги разгледува Владата и за кои прашања ќе носи одлуки. Според Прегледот на спроведувањето на заложбата, со новиот Деловник за работа на Владата рокот за објавување на дневниот ред е утврден на најмалку три дена пред одржувањето на седницата, наместо предвидените седум работни дена. Дневниот ред на порталот е-Влада е достапен само за министерствата, другите институции и кабинетите, додека за јавноста објавувањето треба да се врши преку владиниот портал. Прегледот наведува и дека постојат записници од мнозинството од одржаните владини седници, но не од сите, како и дека има разлика во бројот на објави на македонската и на албанската верзија. Ваквиот начин на работа треба да придонесе кон поголема доверба во институциите и поголема одговорност на носителите на одлуки. Јавноста на средбите и седниците може да помогне и во откривањето на потенцијални конфликти на интереси и да го намали просторот за нетранспарентно влијание врз владините одлуки.
Според извештајот на Независниот механизам за известување (Independent Reporting Mechanism), кој се однесува на акцискиот план 2024-2026 година, Генералниот секретаријат на Владата има за цел да ја унапреди транспарентноста на владините седници и средби. Секретаријатот треба да развие процедура за објавување на календарите на средбите на владините претставници, која ќе ги опфаќа учесниците, темите, стандардизирани белешки од средбите, како и најавите на дневниот ред најмалку седум работни дена пред одржувањето на седницата.
Сите овие заложби имаат една цел, а тоа е граѓаните да можат полесно да следат како се трошат јавните пари, кој стои зад компаниите што добиваат државни договори и како се носат одлуките во Владата. Но, клучното прашање не е само дали механизмите за транспарентност постојат, туку дали тие функционираат во пракса и дали граѓаните навистина можат да ги користат. Од тоа во голема мера зависи и дали заложбите од Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт ќе останат само формално исполнети обврски или ќе придонесат за суштински поголема отчетност и помал простор за корупција.
Текстот е подготвен во рамките на проектот „Заедно за Партнерство за отворена власт: Поддршка на процесот на имплементација и дизајнирање на иднината“, финансиран од Секретаријатот за Партнерство за отворена власт.
