Српскиот портал „Курир“ на 15.07.2019 година објави текст со пресилен наслов:„ Хаос во Македонија поради Боки 13: Јовановски  уапсен  поради скандал со  8.000.000 евра, а замешан е и обвинител!

Во Македонија нема хаос, сите институции на државата функционираат. Во прашање е скандал кој го тангира и Специјалното јавно обвинителство и кој се заканува да добие поголеми димензии, но во секој случај  нема хаос, како што тврди насловот.

Фактички, станува збор за истрагата за случајот „Рекет“,  која ја отвори Јавното  обвинителство против Бојан Јовановски познат како Боки 13 и Зоран Милески познат како Зоки Кичеец, за примање награда за противправно влијание и за перење пари.

Освен пренагласениот наслов, во написот на „Курир“ се пласирани и две дезинформации. Првата е дека  „Боки 13 бил поврзан со јавниот обвинител кој ја води истрагата, со цел да  ја олесни постапката.“ („Boki 13 bio je povezan s javnim tužiocem koji vodi istragu, kako bi olakšao postupak“.)

Тука,  се мисли на истрагата  за случајот „Империја“ што ја отвори СЈО  на 9 ноември 2018 година, а  во рамките на која му беше определен притвор на бизнисменот Орце Камчев. Овој случај го води специјалната обвинителка Лиле Стефанова. Јовановски, според неофицијалните информации се поврзува со специјалната обвинителка Катица Јанева, а не со Стефанова, која пак, и самата негираше  инволвираност со случајот „Рекет“. А во интерес на вистината треба да се каже и тоа дека, Oбвинителството досега (17.07.2019) официјално нема соопштено кој е обвинителот  со чие влијание „тргувале“ Јовановски и Милески.

Исто така, неточно е и тврдењето: „Сѐ уште не е соопштено кој е обвинителот кој примил мито“ („Još uvek nije saopšteno ko je tužilac koji je primao mito“.). Имено, досега не е кажано дека обвинителот примил мито.

Според тоа што е официјално соопштено,  во случајот „Рекет“  се осомничени само Јовановски и Милески. Во врска со ова државниот обвинител Љубомир Јовески на прес-конференција (15.07.2019) кажа:

Во овој случај две лица се осомничени за тргување со влијание да се запре постапката што ја водел обвинител. Друго е прашањето дали ветувањата се оствариле или не“ рече Јовески, додавајќи дека „истрагата продолжува за да се утврди кој сѐ е оштетен и кој се влијаел.

И обвинителката Вилма Рускоска во интервју за ТВ 24  вели дека:

Обезбедените видеа и аудио-материјали се само за овој случај што го отворивме сега, за овие двајца осомничени. А понатаму во истрагата дали ќе се појават докази за обвинители, за политичари, за луѓе од јавниот живот ќе видиме.

Таа напоменува и дека инволвираноста на јавен обвинител во овој случај, сега засега не може да се докаже.

Доколку се појават цврсти докази сигурно дека истрагата ќе биде проширена, но сега навистина не можам да шпекулирам и било несериозно од мене како обвинител да кажам во која насока може да не одведе истрагата, вели Рускоска.

Така што, поврзаноста на јавен обвинител во случајот „Рекет“ , барем засега, не е докажана, а уште помалку може да се тврди дека тој земал мито.