Може ли САД да се смета за доверлив чувар на германското злато?, прашува Политико во написот посветен на златото кое Германија го чува во Америка.
Нивниот лидер се обидува да ја ослабне најважната индустрија на земјата. Неговиот заменик смета дека Германија е патетичен „шверцер“. Човекот што тие го слушаат изведува поздрави кои наликуваат на нацистички и отворено се меша во нејзините избори за да поддржи крајнодесничарска партија, која германската разузнавачка служба ја смета за закана за уставот, пишува Политико.
Затоа, не е чудно што некои политичари во Германија се загрижени дека она што со децении се сметаше за едно од најсигурните складишта на злато можеби и не е толку безбедно.
Германија ги поседува вторите најголеми златни резерви во светот, а 37 проценти од нив – околу 1.236 метрички тони, вредни 113 милијарди евра – се чуваат во трезорите на Федералните резерви во Њујорк. Овие резерви обезбедуваат дека, доколку е потребно, Бундесбанк има пристап до нешто што може да се претвори во американски долари или друга стабилна валута.
Самата идеја дека тие можеби не се безбедни до неодамна би се сметала за апсурдна – но денес, неизвесностите во германската поствоена егзистенција доведуваат до преиспитување на претходните сигурности. Ова е уште пореално имајќи ги предвид сигналите за подготвеноста на американскиот претседател Доналд Трамп да ги тестира границите на своите овластувања и да ја наметне претседателската примарност над судскиот систем.
Германскиот таблоид Билд, кој е во сопственост на Алекс Српингер (издавачот на Политико), во четвртокот објави дека пратеникот од Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Марко Вандервиц, е еден од загрижените.
Уште во 2012 година, Вандервиц безуспешно побара дозвола за инспекција на златните резерви, како дел од иницијатива да се изврши притисок врз банката или да преземе поактивна улога како чувар или да ги врати резервите во Германија.
„Секако, прашањето повторно се поставува“, изјави Вандервиц во изјава за Билд.
Европратеникот Маркус Фербер, исто така член на ЦДУ, повика на дополнителни проверки на германското злато складирано во САД.
„Официјални претставници на Бундесбанк мора лично да ги пребројат златните прачки и да ги документираат резултатите“, го цитираше Билд.
Во минатото, идејата дека златото складирано во официјални трезори можеби не е безбедно, главно беше оставена на маргините на заговорничките теории. Сепак, иронично, таа повторно е актуелизирана од никој друг, туку од милијардерот и влијателната фигура во администрацијата на Трамп – Илон Маск, кој повика на инспекција на американските златни резерви.
„Имаме доверлив и сигурен партнер во Федералните резерви во Њујорк за складирање на нашите златни резерви. Имам целосна доверба во нашите колеги од американската централна банка“, изјави претседателот на Бундесбанк, Јоаким Нагел, на прес-конференција во февруари, изјава која банката во петокот повторно ја истакна за Политико.
Сепак, поминаа само десет години откако Бундесбанк беше принудена на слична акција, кога главната јавна загриженост беше дека акумулираното германско богатство ќе биде потрошено за спасување на остатокот од еврозоната.
Во 2013 година, бучна кампања поттикната од десничарските популисти – која доби доволно поддршка во јавноста за да ја засрами тогашната канцеларка Ангела Меркел – доведе до тоа Бундесбанк да ги репатрира сите златни резерви што претходно биле складирани во Банката на Франција. Тогаш, банката аргументираше дека веќе нема потреба од пристап до странска валута во Париз, бидејќи Германија и Франција го споделуваат еврото.
Денес, повеќе од половина од златните резерви на Бундесбанк се складирани во Франкфурт. Надвор од САД, останатите 13 проценти се чуваат во Банката на Англија.