Кабелските оператори вчеравечер околу 18 часот ги исклучија сите телевизиски канали, со исклучок на јавниот сервис – МРТ, за период од околу еден час. Во знак на протест, тие го прекинаа реемитувањето на програмите и на црни екрани ги испишаа нивните барања за промена на владината уредба донесена на 29 мај, но и на измените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги што беа усвоени од Собранието во февруари годинава.
Вчерашниот протест ќе продолжи и во текот на наредните денови, а на него се приклучија и двата најголеми кабелски оператори – А1 Македонија и Македонски Телеком.
Од Министерството за информатичко општество и јавна администрација (МИОА) излегоа со остра реакција на ваквиот потег на операторите. Тие тврдат дека со прекинот на реемитувањето се крши членот 115 од Законот за електронски комуникации, во кој се наведува дека операторите можат да го ограничат или прекинат пристапот до мрежата, без согласност на корисниците, само доколку тоа е потребно заради реконструкција, модернизација, одржување или во случаи на технички пречки или недостатоци на мрежата.
„Со оглед на тоа што не се работи за прекин кој е предизвикан заради
реконструкција, модернизација, одржување, технички пречки или недостаток на
мрежата, јасно е дека се работи за повреда на законот“, се вели во соопштението на МИОА, наведувајќи дека казните за ваквиот прекршок се во износ од 20.000 евра и дополнителна забрана за вршење на дејноста до три години.
Од МИОА ги информираат граѓаните дека како претплатници на операторите имаат право да бараат надомест на штета и можат да бараат правна заштита преку Агенцијата за електронски комуникации.
И Македонската медиумска асоцијација (ММА), во која членуваат телевизиите Алфа, Алсат-М, Канал 5, Сител и Телма, реагираат дека е направен упад во нивните телевизиски програми од операторите, и наместо реемитување на програма, било испишано соопштение.
„Причините за ова самоволие и тешко кривично дело не ни се познати. Кабелските оператори велат дека станувало збор за некаква неуставна законска регулатива, но за спорови околу уставноста на законите се произнесува Уставен суд, а не се прекршуваат договорите за реемитување со телевизиите, и не се малтретираат корисниците и гледачите кои за услугите плаќаат за да гледаат програма“, се вели во соопштението на ММА.
Тие тврдат дека кабелските оператори постојано реемитуваат телевизиски канали и програми за кои немаат регулирано авторски и сродни права, за што имале десетици кривични пријави и тужби по кои не постапувало јавното обвинителство.
„Непостапувањето на обвинителството доведе до постојано преповторување на истите кривични дела со пиратерија, како и денешното ново кривично дело – а тоа е дрзок упад во програмите на 5 национални телевизии во Македонија – настан без преседан во Европа. Инаку 5-те национални телевизии имаат валидни договори со операторите во кои прецизно стои дека операторите немаат право на било каква измена на програмата – како што направија денес, посочуваат од ММА.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.