Последните измени и дополнувања на Законот за аудио и аудивизуелни медиумски услуги, кои беа изгласани во целосна тајност и без никаква јавна расправа, повторно ги разбрануваа страстите меѓу националните телевизии и кабелските оператори. Со измените практично почнува да се применува и еден член од Законот, кој беше донесен со други измени и дополнувања во 2018 година, а кој беше предвидено да се прменува кога ќе се избере новиот состав на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ).

По сила на овој член, директорите на кабелските оператори ќе сносат морална и кривична одговорност, не само за непочитување на авторските права за реемитување на каналите што ги пренесуваат, туку и за непочитување на истите права од страна на странските радиодифузери што ги реемитуваат. Санкции за непочитување на авторските права и сродни права од кабелските оператори ќе изрекува медиумскиот регулатор, кој ќе треба да донесе подзаконски акт, каде ќе се регулира постапката за утврдување на одговорност.

АКО: Измените се апсурдни и неприменливи

Ваквото законско решение за кабелските оператори е неприменливо и претставува упад во правниот систем на земјата. Адвокатот на Асоцијацијата на кабелските опертори (АКО), Лидија Голубовска, тврди во светот има модели каде странецот испраќа соодветна документација до некое регулаторно тело, со која докажува дека работи во согласност со законот, но да дава изјава, под морална, материјална и кривична одговорност, тоа може да го прави само пред македонски нотар.

„Како може ние да гарантираме за тоа дали Eurosport, CNN или Discovery се регулирани авторски права?! Затоа велиме дека законот е неприменлив. Овие измени се направени на неписмен начин, до толку што одредбите што стапуваат на сила немаат ни смисла. Тоа е тотален апсурд и ова решение ќе создаде дополнителен хаос во медиумската сфера“, смета Голубовска и додава дека поради тоа може да се исклучат сите странски канали, а граѓаните да бидат најоштетени.

Според неа, невидено е да се наметне обврска одреден правен субјект да одговара кривично за некое непочитување од друг правен субјект.

„Домашниот оператор треба да одговара кривично доколку некој странски канал пиратира. Не може едно правно лице да одговара за прекршок на друг правен субјект“, објаснува Голубовска.

Таа најавува дека ќе ги искористат сите правни можности да ги оспорат новите измени на законот, преку разговори со претставниците на институциите, но и преку покренување на постапка пред Уставен суд за оценување на уставноста на овие законски решенија, иако не крие дека се скептични дека ќе наидат на разбирање со оглед на состојбите генерално во судството.

ЕУ се оградува од законските измени 

Против ваквото усвоено решение се изјаснила и Делегацијата на Европската унија во Скопје. Во нивниот допис до операторите се вели дека луѓето во Брисел што се занимават со заштитата на интелектуалната сопственост не ја сметаат за потребна интервенцијата во законот.

„Радиодифузерите и кабелските оператори за реемитување треба да ги расчистат потребните права и ова се сметаат како приватни договорни односи помеѓу нив и носителите на авторските права“, се вели во ставот на ЕУ.

Според нив, вообичаена задача на јавните власти е да го проверат одобрението и да побарат од операторите да дадат изјави за ослободување од правата.

Националните телевизии бараат почитување на авторските права

Во спротивни позиции со кабелските оператори се националните телевизии, кои здружени во Македонска медиумска асоцијација на приватни национални телевизии (ММА), ги поддржуваат измените.

Директорот на „Канал 5“, Иван Мирчевски, тврди дека националните телевизии инсистираат да се почитуваат авторските права бидејќи без тоа ќе се уништи медиумскиот пазар и иднустријата.

„Ние одговараме кривично за секоја содджина што ќе се објавува во нашите програми, а тоа не важи и за кабелските оператори“, вели Мирчевски.

Тој тврди дека операторите преку странски канали реемитуваат и програми за кои националните скапо плаќаат за реемитување кај нас.

„Кабелските оператори постојано реемитуваат серии, филмови и спортски настани за кои националните телевизии ги имаат откупено правата и заради недореченоста во законската регулатива, операторите досега немаат изгубено ниту еден судски спор“, вели Мирчевски и додава дека тие единствено барат еднаков третман на пазарот. Имало примери кога националните телевизии плаќале за авторски права за спортски натпревари, а операторите истите настани ги пренесувале преку странските канали без да платат за авторски права.

Инаку, во 2018 година кога беа усвоени претходните измени на законот со одложено дејство, медиумскиот регулатор сметаше дека уредување на авторските права меѓу операторите и комерцијалните телевизии е прашање на комерцијален однос. Според нив, тоа е слободна волја на субјектите кои склучуваат договор, а ААВМУ треба само да констатира дека се уредени правата помеѓу двата субјекти.

Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми смета дека и досега било можно да се затемнат програмите на кабелските оператори за кои странските канали немаат откупени права за емитување кај нас. Георгиевски вели дека има различни искуства во земјите на ЕУ, некаде операторите плаќат на телевизиите, а во други ситуации телевизиите плаќат „да се закачат“ на кабелски оператор. Според него, решението е операторите или да ги симнат од пакет националните телевизии или да плаќат одреден паушал.

„Се зависи од тоа кој е помоќен на пазарот“, вели Георгиевски.

Од друга страна, директивите на ЕУ налагат да се збогатува понудата на програмски содржини на територијата на целата ЕУ преку реемитување на програмски сервиси од странство преку кабелски оператори.

Автор: Насер Селмани

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.