Јужнокорејската „Squid Game“ може да стане најгледана серија на Нетфликс досега

фото: Исечок од „Squid Game“, принтскрин од видео на Јутјуб

Јужнокорејската хорор-трилер серија „Squid Game“ на Нетфликс има „многу добри“ шанси да стане најпопуларната програма досега на оваа платформа, изјави Тед Сарандос, заменик- извршен директор на Нетфликс, а пренесе „Си-нет“.

Популарноста на своите серии Нетфликс најчесто ги рангира според бројот на луѓе кои ги гледале насловите најмалку две минути во првите 28 дена од нивното објавување. Најпопуларна серија на Нетфликс досега е серијата „Bridgerton“, објавена кон крајот на 2020 година.

„Во моментов на Нетфликс има шоу што е број 1 насекаде низ светот. Се вика „Squid Game“. Дефинитивно ќе биде нашето најголемо шоу од неанглиско говорно подрачје. Но, постојат многу добри шанси да стане наша најголема серија досега“, изјавил Сарандос.

Приказната во „Squid Game“

Серијата „Squid Game“ е дистописки хорор за луѓе кои учествуваат на смртоносен турнир. Во горчливиот трилер кој за многу кратко време стана огромен хит, очајните натпреварувачи, соочени со сериозни финансиски тешкотии и долгови, се предизвикани да учествуваат во серија извртени детски игри за огромна парична награда. Но, ако загубат во некоја од игрите, тие умираат.

Главната парична награда за оние што ќе ги поминат сите шест игри изнесува 45,6 милијарди јужнокорејски вони, или некаде над 38 милиони американски долари.

За секој гледач што ќе издржи да ја изгледа првата епизода, во која играјќи ја корејската детска игра „Црвено светло, зелено светло“, речиси половина од натпреварувачите умираат, следуваат застрашувачки и испревртени ситуации, кои истовремено и ја воодушевуваат публиката, велат критичарите.

Серијата која е составена од 9 епизоди е првата корејска серија што стигнала до врвот на стриминг платформата Нетфликс во САД, Велика Британија  и во уште 80 земји, пишува „Јуроњуз“.

Ноќите кои учесниците ги поминуваат во привремениот дом се исполнети со драми околу формирање и пропаѓање на меѓусебните односи и честопати се пошокантни од самите игри.

„Во овој свет, режисерот Донг-Хјук ја поставува дилемата – дали би го предале пријателот за да ја избегнете смртта?“, пишува „Гардијан“.

Телефонскиот број прикажан во серијата навистина постои

Гледачите и критичарите позитивно одговорија на серијата, истовремено признавајќи го нејзиниот насилнички карактер. Социјалните мрежи деновиве се преплавени од содржини поврзани со јужнокорејската серија.

Деновиве излезе и информацијата дека телефонскиот број во серијата, кој натпреварувачите го повикуваат за да учествуваат во игрите, постои и во реалноста во Јужна Кореја. Неговиот сопственик, човек во своите четириесетти години, изјавил дека добива и до 4.000 повици во текот на еден ден и поради тоа не може да продолжи да води секојдневен нормален живот.

Ху Кјунг-Јунг, еден од кандидатите за претседател на Јужна Кореја на изборите кои треба да се одржат наредната година, понудил дури 100 милиони вони (околу 85.000 долари) за да го купи бројот од сопственикот кој ги добива несаканите повици.

„Слушнав дека сопственикот на телефонскиот број прикажан на визит-картичката во „Squid Game“ претрпува сериозна штета од шегобити повици. Би сакал да го купам бројот за 100 милиони вони“, напишал  Кјунг-Јунг на Фејсбук.

Претставници од продукцијата веќе се во контакт со сопственикот на телефонскиот број и работат на постигнување на договор за да се разреши случајот, пишуваат кинески медиуми.

Визит-картичката од серијата / форо: Принтсктин, видео на Јутјуб

Дел од критичарите ја споредуваат „Squid Game“ со корејскиот филм „Паразит“ кој доби Оскар во 2019 година и во кој е прикажана длабоката финансиска поделба во јужнокорејското општество. Новата серија на Нетфликс допира слични теми. Позадината на „Squid Game“ ја прикажува денешната, многу реална нееднаквост помеѓу богатството и сиромаштијата во Јужна Кореја.

Засега нема најава дека серијата ќе доживее и втора сезона, но според режисерот, и да има продолжение, нема да биде објавено наскоро.