fbpx

Јужната граница де јуре отворена, де факто запечатена

-

Управувачкиот комитет за справување со мигрантската криза доцна синоќа одржал состанок по повод новите околности и мерки воведени од земјите на балканската рута, на кој, како што потврдуваат за „Мета“ од Центарот за управување со кризи (ЦУК) и од Министерството за внатрешни работи (МВР), не биле донесени нови мерки, туку биле утврдени претходните заклучоци, односно колку мигранти ќе излезат од Македонија на север, на толку ќе им се дозволи влез на јужната граница.

Од МВР велат дека преминот кај кота 59 на македонско-грчката граница не е затворен за мигранти, туку протекот зависи од состојбата во другите земји од балканската рута на север, кои изминативе денови ги заострија критериумите за транзит и за прием на бегалците.

– Јужната граница не е затворена за мигранти и тоа е погрешна формулација. Таа останува отворена за влез на мигрантите од Грција, но во таа мера во која тие се пропуштаат на северната граница за влез во Србија, во согласност со одлуката на Управувачкиот комитет – велат од МВР.

Но, и покрај ваквата ситуација, на јужната граница де факто е запрен протекот на мигранти и веќе трет ден не е пропуштено ниту едно од лицата што во неизвесност чекаат во кампот кај Идомени од грчката страна на границата.

И во денешниот билтен на МВР за бројот на издадени потврди за искажана намера за барање азил, стои дека во текот на вчерашниот ден не е издаден ниту еден ваков документ.

На синоќешниот состанок на Управувачкиот комитет било разговарано и за ситуацијата со повеќе од 1.000 мигранти кои се заглавени кај Табановце, бидејќи Србија одбива да ги прими.

Како што информираат за „Мета“ од ЦУК, и во врска со ова нема никакви промени од претходно. На состанокот било одлучено на бегалците заглавени кај Табановце да им се обезбеди хуман третман, а нивната судбина да се решава во координација со другите земји од балканската рута.

Управувачкиот комитет е национално тело задолжено за справување со мигрантската криза, со кое претседава министерот за здравство, Никола Тодоров, а во него се вклучени и министерствата за транспорт и врски, за внатрешни работи, за одбрана и Центарот за управување со кризи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Тенденциозно и без докази се обвинува дека Украина и Западот стојат зад терористичкиот напад во Москва

Одговорноста за нападот во Москва ја презеде милитантната група Исламска држава (ИСИС). Ден по нападот, на 23 март, ИСИС објави фотографија од четворицата напаѓачи. На 24 март, пак, ИСИС...