Јутјуб тестира достапност на 4К резолуцијата само за претплатените корисници

фото: NordWood Themes на Unsplash

Јутјуб тестира опција со која 4К резолуцијата на видеата би била достапна само за претплатниците на Премиум услугата на оваа платформа. Во изминативе недели, некои корисници пријавиле дека при обидот да гледаат видео во 4К резолуција добиле порака дека таквата функција е ограничена само за Премиум корисниците, пишува „The Verge“.

По реакциите, од Јутјуб на Твитер потврдиле дека оние што ги виделе ваквите ограничувања биле дел од експериментот за подобро разбирање на поставките за Премиум корисниците.

Во моментов не е познато дали Јутјуб навистина ќе го ограничи пристапот до 4К резолуцијата само за претплатниците на платформата.

Претплатата на Јутјуб Премиум во САД чини 12 долари, додека за корисниците во Северна Македонија месечната претплата е 8,5 американски долари. Премиум претплатата им овозможува на корисниците пристап до неколку услуги како преземање на „Јутјуб Премиум Мјузик“ апликацијата, репродукција на музика во позадина и гледање видеа без реклами. Јутјуб е познат по агресивното рекламирање, а според неколку американски медиуми, платофрмата вршела тестови од дури десет реклами што не можат да се прескокнат на едно видео.

Се проценува дека Јутјуб имал околу 2,24 милијарди корисници минатата година, од кои само околу 50 милиони платиле за Премиум верзијата.