Пакистанското девојче Малала Јусуфзаи, која талибанците ја ранија затоа што не сакала да го напушти училиштето, и индискиот активист Каилаш Сатјарти денеска ja примија Нобеловата награда за мир на церемонија во Осло.
Признанието им е врачено за време на дводневната манифестација, на која им се одаде почит за нивното залагање за правата на децата.
Малала стана најмладиот лауреат откако по ранувањето в глава тргна во глобална кампања. Одредени групи во Пакистан ја обвинија дека е марионета на Западот и оти ги урива начелата на конзервативниот ислам.
– Ја раскажував својата приказна, не затоа што е единствена, туку затоа што не е. Тоа е приказна на многу девојчиња – рече Малала, примајќи ја наградата.
Сатјарти, кој се смета заслужен за спасување на околу 80.000 деца од ропство, понекогаш и насилни конфронтации, не се истакнуваше во Осло, па дури и призна дека Малала го засенила.
– Изгубив двајца свои колеги. Носењето на телата на колегите кои се бореа за заштита на деца, е нешто што никогаш нема да го заборавам, дури и кога седам и ја примам Нобеловата награда за мир – рече индискиот активист.