Јунската едиција на Перформанс Платформа Фестивал од 9 до 12 јуни во МКЦ

Photo: Performance Platform Festival (PPF) 2025- June edition

Од 9 до 12 јуни Локомотива – Центар за нови инивијативи во културата и уметноста ја организира јунската едиција на Перформанс Платформа Фестивалот (#ППФ2025) 2025 кој ќе се одржи во Младинскиот културен центар – МКЦ во Скопје.

Performance Platform Festival (PPF) 2025 се организира во две изданија: едното во јуни, а другото во октомври.  Организаторите објаснуваат дека „PPF 2025 го отвора јунското издание преку плуриверзален кураторски пристап“, пристап кој прикажува и промислува различни светови, перспективи, пристапи, со што ја гради и ја дизајнира сцената и поширокиот простор како плуриверзален, составен од мноштво поетики и практики.

ППф 2025 јуни ќе понуди четири вида активности:
Oд 9 до 11 јуни ќе се одржи (Не)конференција: „(Еко)Феминизам во пракса(и): Преосмислување на уметноста и кураторските иднини“, која ќе се обиде да сподели како кураторските иднини може да се спротивстават на екстрактивистичките модели на капиталоцената и да понудат „одржување“ (sustainment) како алтернатива на неолибералната „одржливост“ (sustainability).

Во текот на фестивалот ќе биде основана и Македонска кореографска платформа (МКП) како нова критичка иницијатива на 10 кореографи и танцови професионалци кои преку сплотеност и солидаризирање се организираат во своето претставување.

На 11 јуни е закажан „ BLOT-Body Line of Thought“ хибриден еко-перформанс на Tangaj Collective за микробиолошка меѓузависност — ќе даде кореографски преглед како контрапункт на антропоцентричните кореографии, резонирајќи со повикот на Ана Цинг за „уметности на забележување“.

На 12 јуни во МКЦ ќе се одржи и Култренинг работилница „BodyImage Techniques: Morphing“  со Tangaj Collective.

Ова издание на фестивалот повикува на плуриверзирање како кураторска практика, односно  перформативно создавање на светови – повикувајќи ја јавноста, институциите и екологиите на колективна реимагинација на уметноста како простор за трансформација, грижа и заеднички иднини.

Целосната програма за настаните во рамки на јунската едиција на #ППФ2025 можете да ја разгледате тука.

Организаторите на фестивалот од Локомотива, заедно со партнерите од „Skopje Pride Weekend“, „Прво Па Женско (Tiiiit! Inc.)“ и МКЦ Скопје, го посветуваат јуни на современата и критичка перформанс уметност во танцот, театарот и визуелната уметност, како гест на грижа, релациска, политички ангажирана уметничка практика и акт на демократизирана јавна имагинација. Тие истакнуваат дека „твориме простор за соработка, заедништво и размена, барајќи од институциите да го препознаат и континуирано да го поддржуваат“.

Поддржувачи на фестивалот се Министерство за култура и туризам на Република Северна Македонија, Фондација Хајнрих Бел, Гете-институт Скопје, Performance Situation Room / проект LLB 3 финансиран од програмата Креативна Европа; и Perform Europe.