Јубилејни 50 години од создавањето на првиот македонски анимиран филм

Фолија од филмот „Стрелби“, 1977

Вчера во Македонскиот културен центар се одбележаа 50 години од создавањето на првиот македонскиот анимиран филм и потсетување на филмската сцена на анимираниот филм во Македонија низ годините од тогаш до денес.

Настанот беше организиран од страна на наследниците на ова творештво, новата или веќе средната генерација на креатори на анимиран филм, Иван Ивановски и Слободан Јаќовски.

Ивановски се обрати кон насобраните зборувајќи за процесот на истражување за проектот и неговиот порив да се поведе кон оваа насока.

„Историскиот контекст ми беше мене потребен како автор за да знам што претходело. Јас бев веќе навлезен во правењето на анимиран филм, а не занев какво наследство имам. Со Слободан го започнавме ова истражување пред речиси две години во депото на Кинотеката, погледнавме и во фамилијарните архиви на авторите и водевме разговори со нив. Настанот денес ни е составен од две концептуални целини, од „1971-1991“ и „Сцената денес“ – рече тој.

Двете засебни временски определби за кои авторите се одлучиле да направат изложби со вистински артефакти и снимки од филмовите се распоредени во двете галерии на МКЦ согласно поделбата. Истите ќе бидат поставени таму за разгледување до 22 ноември.

„Многу ме радува вашиот интерес за нашиот настан. Денес започнуваме со отварање на двете изложби. Едната изложба го опфаќа периодот познат како „златна доба“ на македонскиот анимиран филм и другата која ја отсликува новата денешна сцена на аниматори. Денеска имаме и публикација која што може да се рзгледа или купи во „Ап(о)тека“. Мислам дека оваа публикација е прва од ваков тип која ги бележи податоците од златниот период на анимирањето“ – истакна во своето обраќање Слободан Јаќовски.

„Кружно патување на сенката“ на Жарко Иванов, 2013 цртеи од Александар Зафиров

По одржаниот краток говор, присутните имаа можност да го проследат прикажувањето на првиот македонски краток анимиран филм, „Embrio No 5“ по половина век од неговото создавање од страна на македонскиот сликар и режисер Глигор Поповски.

Публикацијата „Македонскиот анимиран филм 1971-1991“ пишува истражување и документација која во моментов недостасува. Содржана е од записи, дела и артефакти што ја систематизираат историјата на анимираниот филм на овие простори и ја оставаат засокаш забележана.

Сториборд од филмот „Образец Б16“, 2017 од Иван Ивановски

За денес се најави дискусијата „Македонски анимиран филм 1971-1991“ која ќе започне во 19:00 часот во киното „Фросина“ и истата ќе биде проследена со приказ на филмовите од ова доба.

Утрешниот ден ќе биде пополнет со дискусија на темата „За сцената денес“ што ќе се одржи исто во кино „Фросина“ по која исто така ќе бидат прикажани некои од филмовите на денешните аниматори.

Проектот е изработен во партнерство меѓу Кинотека на Северна Македонија, Младински Културен Центар – Скопје, Вардар филм, поддржан од Агенција за филм, Министерство за култура и Град Скопје.