fbpx

ЈСП уште чека одговор на барањето за владина помош поради зголемените цени на метанот

-

Помина еден месец од барањето на ЈСП-Скопје за Владата на РСМ да донесе одлука за субвенционирање на работењето на Јавното сообраќајно претпријатие, коешто од почетокот на годинава се соочи со повеќе од двојно зголемување на цената на метанот.

„И покрај официјалното доставено барање до Владата преку Град Скопје, сѐ уште немаме добиено никаков одговор“, велат за Мета.мк од ЈСП-Скопје.

Зголемувањето на цената на горивата доведува до потешкотии во работењето на ЈСП-Скопје, но и на приватните автобуски превозници кои ги одржуваат градско-приградските линии.

Од ЈСП-Скопје велат дека за потешкотиите во работењето ги добиваат вообичаените наменски субвенции од Град Скопје, коишто и во минатото беа уплаќани како финансиска помош. Претпријатието периодов презело и мерки за домаќинско финансиско работење. Сепак, од ЈСП-Скопје на почетокот од годинава излегоа со пресметки дека трошоците за гориво ќе им пораснат од дотогашните 1 милион на над 2 милиони евра, само во делот на користењето на метанот.

Со договорот постигнат меѓу руски „Газпром“ и „Макпетрол“ од почетокот на годинава цената на метанот порасна од 46,5 денари на дури 110 денари за килограм. Во согласност со вчерашното соопштение на „Макпетрол“, за февруари цената на метанот ќе изнесува 96 денари за килограм, но и оваа цена е двојно повисока од она што се плаќаше како трошок за гориво пред новогодишните празници.

Инаку, ЈСП-Скопје во 2019 година набави 33 еколошки автобуси од германскиот производител „МАН“, коишто го користат метанот како гориво. Поскапувањето на цената на метанот од почетокот на годинава значително ги зголеми трошоците за одржување на јавниот превоз, но засега нема најави дека ќе поскапи цената на билетите за градско-приградските линии.

Покрај ЈСП-Скопје, на поскапувањето на метанот реагираа и приватните автобуски превозници во Скопје. Телевизијата „Алсат-М“ деновиве објави дека на скопските улици се вратени во сообраќај 25 постари автобуси на приватните превозници, додека нивните еколошки автобуси на метан се во гаража и го чекаат поевтинувањето на метанот или финансиската помош од владата.

Од ЈСП-Скопје за Мета.мк информираат дека скопскиот јавен превоз секојдневно се одржува со вклучување во сообраќај на 260-280 возила. Иако автобусите што сообраќаат на метан немаат мнозинско учество во возниот парк, сепак покачувањето на цената на метанот периодов следува паралелно со порастот на цената на дизелот и на останатите нафтени деривати.

Доколку не постои можност за обезбедување на финансиска помош од Владата на РСМ, тогаш ЈСП-Скопје побара Регулаторната комисија за енергетика да го преземе регулирањето на цената на метанот и да донесе одлука за замрзнување на неговата цена, заклучно со цената на 31 декември 2021 година.

По енормното зголемување на цената на метанот од почетокот на годинава, од Регулаторната комисија за енергетика излегоа со соопштение дека немаат надлежност во регулирање на цената на ова гориво, бидејќи според Законот за енергетика, цената на метанот ја определува пазарот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Двете изборни среди училиштата ќе ги одработуваат на 18 мај и на 1 јуни

Основните училишта во текот на вчерашниот ден добиле известување од Министерството за образование и наука (МОН), дека деновите во кои ќе се одржат изборите, ќе треба да се одработат...