ЈСП: Студентите да го продолжат билетот доколку сакаат да користат бесплатен превоз и наредната година

Фото: Meta.mk

Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје (ЈСП Скопје) информираше дека е неопходно корисниците на студентски годишен билет за бесплатно користење на јавен превоз да го продолжат, односно заверат билетот за 2023 година доколку сакаат да користат јавен превоз и во текот на наредната година.

Продолжувањето на билетот се врши во кој било центар за персонализација на ЈСП Скопје, со лично присуство на студентот кој треба да достави потврда за редовен студент не постара од еден месец и издадена од високообразовната установа каде што студира, да приложи индекс со запишан зимски семестар, како и лична карта на увид.

ЈСП Скопје информира дека на студентите-бруцоши кои своето студирање го започнале во академската 2022/2023 година, билетот автоматски им важи и за наредната календарска година, односно е валиден до крајот на 2023 година.

Право на користење на студентски билет за бесплатен јавен превоз имаат сите редовни студенти на државните факултети во Град Скопје на додипломски студии, без ограничување на возраста.

„Единствено заверен/продолжен билет за тековната година е валиден документ за бесплатно користење на јавен превоз за посочената категорија студенти, не се признаваат индекс, потврда за студент или друга документација која служи за заверување на билетот“, информира ЈСП.