ЈП „Лајка“: Јуни-меѓународен месец за поголема свест за микрочипирање на миленици

фото: ЈП Лајка

Од Јавното претпријатие за грижа и заштита на бездомните кучиња „Лајка“ соопштуваат дека јуни е меѓународниот месец за подигнување на свеста за микрочипирање на милениците.

„Микрочипот обезбедува сигурна и трајна идентификација, што во голема мера ја зголемува веројатноста доколку вашиот домашен миленик се изгуби, да биде вратен во својот дом. Микрочипот е најдобриот начин да ги обедини повторно милениците со нивните сопственици. Микрочипот ја извршува својата функција само доколку е регистриран со ажурирани информации во базата на податоци за домашни миленичиња, како за миленикот така и за сопственикот“, соопштуваат од „Лајка“.

Нагласуваат дека, согласно одредбите на Законот за заштита и благосостојба на животните, сопствениците на кучиња и на мачки имаат обврска да го идентификуваат и регистрираат својот домашен миленик. Во таа насока, преку кампања, прифатилиштето на ЈП „Лајка“ има за цел да ја подигне јавната свест за градење на култура на одговорно сопствеништво и грижа за благосостојбата на кучиња.