Јетон Шаќири: Нема подобра алтернатива од наставата со физичко присуство

Фото: МОН

Нема подобра алтернатива од наставата со физичко присуство, вели министерот за образование и наука, Јетон Шаќири во интервју за Новинската агенција Мета.мк, коментирајќи ги неофицијалните најави дека зимава е можно да се врати онлајн учењето поради енергетската криза. Но, како што додава тој, за да се одржи наставата со физичко присуство потребно е, покрај МОН, и училиштата и општините да се придржуваат до мерките за штедење на електрична и топлинска енергија.

Во интервјуто, министерот Шаќири одговара и на прашањата за доцнењето на учебниците, велејќи дека тоа е до некаде резултат на сложеноста на Законот за учебници „кој дефинира низа постапки со конкретни рокови“. Како што вели министерот, не е вистина дека учениците се оставени без учебници. За новите учебници најави дека учениците ќе ги добијат на почетокот на ноември.

Изминатиов период актуелни се дилемите околу тоа како ќе биде организирана наставата зимава, во услови на енергетска криза. Дали имате некаков план, ќе се учи ли од дома претстојнава зима и како ќе биде решено тоа во високото образование? Дали можеби се размислува да се продолжи зимскиот распуст за учениците?  

Училиштата треба последни да се затворат, а први да се отворат, доколку дојде до нешто што би го нарушило нормалното функционирање на општеството. Затоа што нема подобра алтернатива од наставата со физичко присуство. Ние изградивме систем за настава на далечина и тој се покажа како функционален, но сепак иако има предност при примена во вонредни околности, има и предизвици кои влијаат на квалитетот на знаењето на учениците. Непосредната интеракција помеѓу учениците и наставниците, кои и едните и другите се физички присутни во една просторија, дава најдобра ефективност. Не само МОН, туку и општините и училишните раководства треба да помогнат за да ја одржиме наставата во форма во каква и започна новата учебна година – со полни училишта и вообичаен наставен процес. Владата усвои сет на препораки и задолженија за намалување на потрошувачката на електрична и топлинска енергија во Република Северна Македонија кои се применуваат во периодот од 1 септември 2022 до 31 март 2023 година. Овие препораки се однесуваат и на училиштата и ако ги почитуваме, ќе успееме во намерата и полесно ќе го надминеме овој кризен период. Упативме барање до Владата, подготвивме информација, училиштата да не плаќаат струја по индустриска тарифа. Барањето беше разгледано и прифатено од економско-енергетскиот совет и се надеваме дека конечна одлука ќе донесе и Регулаторната комисија за енергетика со цел училиштата да бидат дел од регулираниот пазар на струја, каде цената ја одредува ова регулаторно тело и таа за овие образовни установи би била пониска од досегашната.

Изминатиов период имаше реакции за тоа дека сè уште нема учебници изработени согласно новата Концепција за основно образование. Нели ќе беше полесно ако МОН во координација со Бирото и Педагошката служба, се потрудеше учебниците да се изработат во текот на летото за да можат учениците на време да ги добијат и да ги користат во наставата?

Процесот на изработка, конечно одобрување и доставување на нови учебници до учениците е прилично комплексен и иако започнува навремено, се случува некогаш да трае неколку месеци и да не заврши до пред почетокот на една нова учебна година. Тоа се случи и овој пат, но за жал ние не можеме да постапуваме поинаку од тоа што е наложено во Законот за учебници, кој дефинира низа постапки со конкретни рокови. Мора да се објави јавен повик за ракописи, па повик за избор на рецензенти, па ракописите да се разгледаат и оценат, па доколку има забелешки, да се направи корекција на одреден дел од учебникот. А за одреден предмет се случува и да не се пријави ниту еден автор. Потоа има и постапка за избор на економски оператор што ќе изврши техничко уредување, превод, печатење, дистрибуција. Јас се надевам дека следната година ќе имаме промени во законското решение, ќе се поедностават одредени сегменти и вакви ситуации повеќе нема да се случуваат. Сепак, ќе изразам задоволство што новите учебници за прво, второ, четврто и петто одделение за кои има нови наставни програми, веќе се печатат и како што неодамна реков до крајот на овој месец ќе стигнат до учениците, кои, морам и ова да го повторам, не се оставени без учебници. Тие имаат квалитетни наставни материјали кои ја разработуваат материјата од првото тримесечје и кои ги набавивме пред почетокот на учебната година и на 31 август веќе беа испорачани до училиштата. Значи, не ги оставивме учениците без никакви наставни помагала и за ова, за овие материјали имаше позитивни реакции од учениците, наставниците и родителите. Тоа не се обични црно – бели скрипти, туку навистина квалитетно подготвени материјали. Да се вратам на изработката на новите учебници. Како што посочив, за најмалите основци тие веќе се печатат, а потоа ќе се испечатат и сите други учебници наменети за погорните одделенија, кои се нови и од оваа година за прв пат ќе се применуваат. Целиот процес на испорака, зборувам воопшто за сите учебници кои се нови и ќе се користат за прв пат, ќе се заокружи некаде на почетокот на ноември.

Кога станавте министер, рековте дека ќе ги посетите сите ректори во државата, за да видите со какви проблеми се соочуваат универзитетите. Што детектиравте, какви се маките на факултетите? 

Точно така. Ги имам посетено најголемиот дел од универзитетите во државава и јавни и приватни, а воедно и редовно комуницирам со раководствата – непосредно, како и преку Интеруниверзитетската конференција како тело кое ги застапува интересите на високообразовните установи во државата и учествува во креирање иницијативи и политики заедно со МОН. Универзитетите, оние кои ги финансира државата, имаат потреба од повеќе кадар. Целосно ги разбирам, затоа што има испразнети места кои со години не биле пополнети и лично како министер се трудам таа потреба да ја задоволиме согласно и нашите буџетски можности, имајќи предвид дека се наоѓаме во кризен период. Тоа е еден предизвик. Друг предизвик е обезбедувањето на континуитет во растот на платите. И за тоа сум целосно согласен дека треба да се случува, затоа што зборуваме за учители, за оние кои создаваат нови генерации и иднина за државата. Веќе сме во разговори околу оваа работа и се надевам дека ќе најдеме заедничко прифатливо решение, повторно потенцирам, решение кое ќе одговара на актуелните состојби и кое ќе може државата да го издржи. Трета работа е што мислам дека е потребна уште поголема заложба за креирање на поквалитетни студиски програми, за привлекување на повеќе домашни и странски студенти бидејќи и тие се еден извор на финансирање на работата на високообразовните установи. Така севкупниот квалитет на високото образование ќе оди напред и се надевам дека еден ден како земја ќе имаме свои претставници меѓу најдобрите на Шангајската ранг листа.

Министре, со години наназад, цели генерации ученици од средното стручно образование, завршуваат учејќи од скрипти, преводи или диктати на професори. Тоа е така затоа што ретко кој автор се пријавува на повиците на МОН за изработка на учебници за стручните предмети бидејќи надоместот што го добиваат е мал. Имате ли план како овој долгогодишен проблем да се реши со цел средношколците да учат од соодветни учебници?

Постои правилник врз основа на кој се утврдува колкав износ би добил авторот на еден учебник и во него има дефинирани критериуми како застапеност на предметот во наставата, обемноста на материјата и така натаму. Во просек, хонорарот е околу 300 илјади денари и се согласувам дека можеби и треба да биде повисок, а со тоа и да се подигне мотивацијата кај оние кои имаат потенцијал да креираат учебници. Доколку го отвориме и Законот за учебници преку повторна дебата, секако дека ќе се дискутира и на оваа тема.

На почетокот на вашиот мандат, кажавте дека приоритет ќе ви бидат вложувањата во науката и лабораториите. Што работите за да се подобри третманот на науката во државата?

Буџетот за наука оваа година е зголемен затоа што се донесе одлука да се поддржи реализацијата на научно – истражувачки проекти кои ги спроведуваат јавните научни институти, а се од интерес за државата и граѓаните, како и да се развие лабораториската инфраструктура на јавните високообразовни установи кај нас. Секако дека потребата е поголема од тоа што го обезбедуваме. На научниците и истражувачите им требаат повеќе можности за да се надгради нивната креативност и да го реализираат својот целосен потенцијал, но добро е што работите почнаа да се менуваат и повеќе средства да се слеваат во оваа област која треба да биде еден од клучните столбови на севкупниот општествено економски напредок.