Фото: Архива на Мета.мк

ЈП „Градски паркинг“ – Скопје испрати демант на веста со наслов: „’Градски паркинг’ лани издал над 15.000 нови бесплатни дозволи за паркирање, а отворил само 38 паркинг места“, која што ја објави новинската агенција Мета на 1 август годинава на следниов линк: https://meta.mk/gradski-parking-lani-izdal-nad-15-000-novi-besplatni-dozvoli-za-parkiranje-a-otvoril-samo-38-parking-mesta-infografik/. Од ова скопско јавно претпријатие обвинуваат дека новинската агенција Мета намерно спинува и манипулира со бројки и невистини.

Во продолжение на нивниот демант се вели:

„Имено, во текстот се твдри дека во 2021 година, биле издадени вкупно 139.819 дозволи за паркирање од категорија „станари“ – нешто што претставува вистинска манипулација и спин во јавноста. Од самиот годишен извештај, кој патем е јавно достапен може да се види дека станува збор за 130.819 дозволи, но, во текот на 12 месеци, што значи вкупно 12.530 корисници добиле дозволи, и тоа: 1800 во зонско паркирање Центар, 730 во затворени паркиралишта и 10.000 во Аеродром (а не 109.537 дозволи, како што се наведува во текстот). Очигледно станува збор за намерно изоставување на овој податок,за да се изманипулира јавноста.

Овде сакаме да потенцираме дека, новото раководство воведе комплетна ревизија на се’ што е правено во претходното раководство во претпријатието.Со ревизијата која се’ уште трае оваа бројка е намалена и моментално изнесува 11.220 дозволи за паркирање од категорија „станар“, што значи 1310 помалку дозволи.

Покрај спроведувањето на ревизијата за работата на претходното раководство, а во однос на отворање на нови паркинг места, новинарите од агенцијата Мета, треба да знаат, бидејќи јавноста беше информирана дека, отпочната е соработка со Општина Карпош за отворање на зонски паркиралишта и тоа, кај Млечен, во реонот кај Министерство за економија, Карпош 1 и Карпош 2. Исто така, во разговори сме и со Општина ГазиБаба, од каде што чекаме одговорнa процедурата за подготовка на документација за реон Автокоманда. Во Аеродром во тек е проширување на дел од зоните и отворање на нови паркинг зони. Притоа потенцираме дека во координација со Град Скопје, интензивно се работи на создавање дополнителен број паркинг места како и нови паркинзи“, се наведува во демантот на ЈП „Градски паркинг“-Скопје.

Реакција од новинската агенција „Мета“ на демантот на ЈП „Градски паркинг“ – Скопје:

Јавното претпријатие „Градски паркинг“ – Скопје неосновано ја обвинува новинската агенција „Мета“ дека намерно спинува и манипулира со бројки и невистини. Изненадени од ваквиот официјален однос на ова јавно претпријатие, а земајќи го предвид фактот дека и во самиот објавен текст од наша страна, а и во самиот демант на ЈП „Градски паркинг“, претпријатието се повикува на Годишниот извештај за работењето на ЈП „Градски паркинг“ за 2021 годинаагенцијата Мета објавува фото-исечок од самиот Извештај за нивното работење во минатата година, во кој е наведена бројката од 139.819 издадени бесплатни дозволи за паркирање издадени на категоријата корисници на услуга „станар“.

Фото-исечок од Годишниот извештај за работењето на ЈП „Градски паркинг“ за 2021 година

Од горенаведениот фото-исечок, ЈП „Градски паркинг“-Скопје може и самиот јасно да си пресмета колкав е бројот на бесплатни дозволи за паркирање што ги издале во 2021 година и да направи споредба со бројката од 2020 година. Нашата пресметка вели 139.819 бесплатни дозволи во 2021 година, наспроти 124.724 бесплатни дозволи во 2020 година. Ова значи дека за една година бројот на издадени бесплатни дозволи за паркирање е зголемена за 15.095, како што е наведено и во насловот на самиот новинарски текст.

Уште повеќе, ЈП „Градски паркинг“-Скопје треба самото на себе да си објасни зошто сите издадени бесплатни дозволи за паркирање на категоријата „станари“ ги собира на годишно ниво. Притоа, треба да ѝ појасниме на јавноста дека станува збор за годишни, а не месечни бесплатни дозволи за паркирање коишто ги добиваат станарите. Ова значи дека секој од станарите кој сака да има бесплатно паркинг место не треба секој месец, туку еднаш годишно да си ја обнови својата бесплатна дозвола за паркирање.

Доколку јавното претпријатие „Градски паркинг“ сака да појасни дека табелата со вкупен број на бесплатни дозволи за паркирање за 2021 година, варирала од месец во месец, за во декември 2021 година да достигне 13.366 бесплатни дозволи за паркирање на категоријата „станари“, тогаш тоа треба на тој начин да го објасни јасно и читко и во демантот, но и во Годишниот извештај за работењето на ЈП „Градски паркинг“.

Сепак, новинската агенција Мета ги потсетува ЈП „Градски паркинг“-Скопје на статистичките податоци на Државниот завод за статистика кои се однесуваат на бројот на регистрирани возила на територијата на Град Скопје, како и на секоја од скопските општини. Па така, во Општина Центар, каде што станарите од едно живеалиште имаат можност да добијат само една бесплатна дозвола за паркирање од ЈП „Градски паркинг“-Скопје, во 2020 година имало 24.992 патнички автомобили кои се регистрирани во Општина Центар. Ова значи дека бројките објавени во Годишниот извештај за работењето на ЈП „Градски паркинг“ за 2021 и 2020 година коинцидираат, повеќе или помалку, со бројот на издадени бесплатни дозволи за паркирање на категоријата „станари“.

Фото-исечок од регистрирани возила во 2020 година; Извор: Државен завод за статистика

Понатаму во демантот, ЈП „Градски паркинг“-Скопје на ниту едно место не го демантира делот дека во 2021 година успеале да отворат само 38 паркинг места. Наместо тоа, јавното претпријатие ги „подучува“ новинарите дека започнале соработка со Општина Карпош за отворање на зонски паркиралишта кај Млечен ресторан и во населбите Карпош 1 и 2. Како што најдобро знаат граѓаните од овие населби во Општина Карпош, ваквото зонско паркирање до денешен ден не е воведено во функција.

Понатаму, од јавното претпријатие посочуваат дека вршат разговори со Општина Гази Баба, како и проширувања на зони и отворање на нови паркинг зони во Општина Аеродром, но на ниту едно место во демантот не објаснуваат кога ќе се случи ова јавно претпријатие да инвестира во нов објект за паркирање, којшто ќе биде нивна изворна инвестиција, без разлика дали е нов монтажен паркинг или катна гаража, а ќе престане со преземање на управувањето на бесплатните јавни паркинзи пред колективните згради во Скопје, во кои инвестира единствено боја за обележување на паркинг местата, наплатувачи и табли за наплата на паркинг.

Напишете коментар

Внесете го вашиот коментар
Please enter your name here